Елвис Мемети дипломирал на отсекот политички науки на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што е и одликуван како студент на генерацијата од страна на Универзитетот. Во изминатите 21 година работел во областа на ромските прашања во различни организации и институции ( администрација, но и ниво на НВО), со крајна цел да развие и да инкорпорира програмите поврзани со Ромите во систематските политики. За себе вели дека би сакал да ја стави својата експертиза и искуство во помагање на луѓето и да ја искористи својата моќ и права и да ги прошири своите капацитети и вештини да може да се залагаат за подобра политика. Мемети ги гледа Ромите како способна заедница и потенцијал која практикува моќ и го менуваат својот живот и демократската игра .
Трн: Ромите се убедливо најмаргинализираната заедница во Македонија, дали се приметува било какво придвижување на работите кон подобро?
Eлвис: Да. Но не би сакал да ја сфатиме оваа маргинализирана улога како “нешто” што e дадено така или функционира само по себе, туку како меѓусебно поврзани, причинско последични врски во општеството, кои што не довеле до таа состојба. Тогаш, Ромите се навистина убедливо најмаргинализираната заедница во Македонија преку кој што сите слабости во системот излегуваат на површина во сите области (лидерство, репрезентација, демократија, образование, здравство, домување, вработување и тнт). Тоа не значи дека и другите не се, особено во услови на „кризи” какви што денес ги имаме, туку имам чувство како да постои суштинска слабост која што е многу подлабоко вгнездена во политиките во државата, во перцепцијата, стереотипите, предрасудите и дискриминацијата. Сметам дека во нашето општество недостасува основна заедничка визија која што не води напред. Што е она што не мотивира, зашто останавме да живееме тука, кои ни се заедничките точки, што претставува позитивната афирмација во едно општество кон тие кои што немаат исти шанси и можности, каде и како одиме напред за да ја реализираме заедничката цел? Имаме ли ние сите ( и како Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и тнт) воопшто заедничка цел и визија и како да го уредиме или управуваме ова наше заедничко општество на фер, праведен и чесен начин ? Тука навистина не само што нема придвижување туку има уназадување и тоа не само кај ромската заедница туку во целина. Кај ромската заедница разликата е десеткратно поочигледна. И затоа и една од нашите кампањи беше добро за Ромите добро за Република Северна Македонија.
Трн: Колку сте задоволни од застапеноста на Ромите во институциите, во администрацијата и во владата?
Eлвис: Не само што не е соодветна, туку тоа е целосно поместен систем кој што не создава ниту правичност ниту пропорционалност. Бев сведок и директен учесник (тогаш како студент) во првата генерација на лица кои што добија шанса за вработување во администрацијата преку ПАЦЕ тренинг програмата која што беше финансирана од Европската Унија, во 2003/2004 година. Тогаш кога нашите политичките партии, ја направија селекцијата на првите 600 луѓе кои што требаше да посетуваат шестмесчна подготовка и тренинг, можете да претпоставите, веднаш го политизираа тој процес или со други зборови нашите политичари( на чело со тогашните албански и македонски политичари) го утнаа процесот и целосно пропаднаа во првата шанса да направат нешто суштинско добро. Но среќна околност бидејќи програмата беше финансирана од Европската унија со значителни финансиски средства, селекцијата и првите партиски листи беше суспендирана по реакција на ЕУ. Така оние кои што имаат најдобри резултати влегоа во програмата и во ранг листата без можност за интервенција. Така ја поминав и јас првата политичка бариера која што нашето лидерство сакаше да ја воспостави. Кога нема политизација на селекцијата и кога едно општество има јасни критериуми, тогаш немаме проблем. Но за да го водите овој процес треба прво да имате ментален политички капацитет и базично образование за да ја разберете вистинската вредност на оваа интервенција поврзана со правичната застапеност во институциите. Мислите дека во нашите простори со политика се занимаваат вакви луѓе? Да беше така немаше уште на самиот почеток кога се воспостави принципот на пропорционалната застапеност, да има потреба да интервенираат странците за да го направиме ние нашиот најдобар избор. Нели? За правичноста треба признание дека секој не започнува од исто место во животот. Луѓето и заедниците се различно погодени од различни околности, структури и историски контексти. Станува збор за тоа секој да го добие она што му треба за да го подобри квалитетот на неговата ситуација. Во својата основа, правичноста бара признание, одговорност и акција. Во институциите и во администрацијата Ромите не се соодветно застапени и најчесто злоупотребени затоа што другите кои лесно се искажуваат како Роми само за да ги искористат можностите што им припаѓаат на други. А и тие неколку службеници што ги има се најчесто на несоодветни позиции, со договори за работа, оставени да зависат од власта за да може да испорачаат други политички услуги. Напредокот без политичките критериуми денес е речиси невозможен па затоа и и голем број на Роми во јавната и државнната админситрација од чистачи до службеници се оставени без шанси за напредок и успеси во кариерата. За прв пат во истријата на државата, ромската заедница нема и свој претставник во законодавниот дом, додека пак во Владата има поставено некои нивни стари играчи на неколку позиции, што не одговара на реалната политичка моќ што ја има заедницата.Тоа е уназадување на демократскиот процес.
Трн: Првиот и основен чекор кон еманципација на Ромите и нивна подобра интеграција во општеството е образованието. Колку Ромите имаат пристап до современо и функционално образование?
Eлвис: Да почнеме од предшколско образование каде што раниот детски развој е најбитен. Ако кај останатите заедници опфатеноста на децата во градинките е 49 % , децата Роми на предучилишна восраст се само 9 % опфатени со сите можни интервенции. Во основното образование на пример сведоци сме дека училиштата во поглед на уписите стануваат поголеми бирократи од бирократите или поради регионализацијата итн, голем дел од ромските деца кои доаѓаат од семејства во социјален ризик немаат можност да посетуваат училиште. Или пак во средното образование каде што нема места за ромските ученици во атрактивните училишта. Посебен пример се и универзитетите, на пример медицинскиот факултет, во кој што квотите кои што годишно ги усвојува Владата во понатамошната употреба од страна на ректоратот и факултетите најчесто се злоупотребуваат . Кога го прашуваш универзитетот што значи за вас квота, тие одговараат дека за нив квота е ако од 100 студенти кои што треба да се примат, се јават 5 студенти припадници на ромската заедница ќе се прими само еден студент кој што се деклариал како РОМ кој што има најмногу поени. Ние им препорачуваме да се консултираат со експерти и да им кажат дека таквата примена на квотите не одговара на суштината. Такви квоти каде што и оној студент Ром кој што има 100 поени е примен на факултет само заради тоа што се изјаснил како Ром не е позитивна афримација и такви афирмации не ни се потребни. И така по ред се продлабочува јазот. Но кога ние бараме позитивна афримација не ради „лепе очи” него заради овие причини, тогаш општеството и сите ние сме пасивни и продолжуваме да функционираме некако само не онака како што треба.
Трн: Изучувањето на мајчиниот јазик е право кое мора да биде достапно до секое дете. Каква е состојбата со децата Роми? Дали за нив постои реална можност да се описменат и на мајчиниот јазик?
Eлвис: Ромите немаат можност да го изучуваат јазикот на ниво на мајчин јазик. Децата Роми од рана возраст знаат повеќе јазици зависно од средината од која што доаѓаат. За да јазикот се изучува на ниво на мајчин јазик потребни се инвестиции од Министерството за образование и наука првенствено во подршка на создавање на кадар и афирмативни мерки за создавање на учебници.
Трн: Ромското политичко и општествено организирање и здружување доживува напредок (Аваја како политичка партија, понатаму Фондација ромите за демократија , Ромалитико,Сумнал и многу други организации кои што покажаа дека Ромската интелегенција е много подобро организирана во граѓанскиот сектор…), но сè уште е приметлива расцепканост и влијанија од големите партии. Дали е можно Ромите да почнат да ги бараат своите права со еден глас?
Eлвис: Тоа е нашата Визија. Заради тоа ја формиравме и политичката партија Аваја. Расцепканоста не само кај нас таа е проблем на секаде. Знаеме дека е навистина тешко во еден таков контекст да се зборува со еден глас, особено кога поголемиот дел од заедницата е лесно манипулирана од големите партии. Имено поголемите партии покажуваат низок капацитет за инклузивност поради тоа што претпоставувам прашањето на моќ се разбира во наши услови само како гола моќ за влијание и краткорочни интереси. Политиката и политичките партии во суштина постојат за да бидат и двигатели на визијата и замислата на еден народ како треба да изгледа прогресот еманципацијата и благосостојбата. Бидејќи не сме на тоа ниво, затоа имаме и такви резултати. А резултатите се погубни за нас и не држат во безидејност токму поради тоа што „кецарошите” во општеството сакаат или се дограбуваат до голата моќ и како такви управуваат со општото добро. Или ако сакате, се дотогаш додека мнозинските партии манипулира со ромскиот народ, а ние тоа го дозволуваме, познавајчи ја нивната финансиска слабост, се дотогаш не може да одиме напред како заедница. Првиот политички договор е мнозинските партии да престанат да ги купуваат ромските гласови. За да може да се определат граѓаните за идеи и визија. Инаку точно е кај ромската заедница целокупната интелектуална сила е сместена во граѓанскиот сектор. Но граѓанскиот сектор најчесто работи на проекти кои што имаат ограничени резултати и можности. Проектите како такви полесно ја носат комфорт зоната отколку посакуваната промена. Затоа предизвикот е НИЕ да ги земеме работите во своите раце и да се избориме за нашата победа. Не зборувам за барање на своите права него за политичка борба за нашата Визија. Тоа е можно, затоа што Аваја покажа дека за кратко време ги освои симпатиите на ромскиот народ. Колку само за пример, благодарение на ромската заедница во минимум пет изборни единици мнозинските партии добиваат минимум пет политички мандати, претставени преку пратеници. Но затоа пак во „реал” политиката истите тие мнозински партии сакаат се само за себе и за својот партиски круг на луѓе, поради што ромската заедница во еден таков систем и изборен модел не може да биде соодветно претставенa во законодавниот дом. Организирана ромска заедница свесна за ова може да ги направи промените и да ги диктира условите за договор. Договорите не смеат да бидат само во насока на остварување на интересите на другите или на индивидуалните интереси.
Трн: Кои се најголемите проблеми за Ромите денес? Здравствената заштита, образованието, дискриминацијата, недоволната инклузија?
Eлвис: Системот како таков создава проблеми за сите, па и за ромската заедница ( мислам на корупцијата, на сервисот на услугите во сите области). Ако другите може да си дозволат да ја платат цената на корупцијата, Ромите тоа не може да си го дозволат. Системот сме сите ние и политичари и службеници и доктори, занаетчии работници. Ние имаме удел во тој начин на создавање на системот. Кога е добро за сите добро е и за нас. Поинаку проблемите за ромската заедница се десеткратно повеќе во сите набројани сфери.
Трн: Бевте советник за инклузија на Ромите во претходната влада. Што би истакнале како Ваше позитивно исксуство од тој период?
Eлвис: Тоа е едно добро искуство во највисоката хиреархија на извршната власт (нешто помеѓу политиката и професионалноста), кое што го препорачувам на секој една млад Ром. Можноста да се борам и да го застапувам она за што лично верувам, слободата на говор, паралелно и критичкиот осврт на состојбите во дадениот контекст, наместо слепото следење на политичките интереси…Да бидам со заедницата, да ја организирам за да го крене својот глас за било која неправда и да ги застапувам политики кои што може да понудат решенија во систе области на делување. Тие исти решенија во даден момент може да значат повеќе стипендии и поголеми стипендии за ромските студенти во образованиете, повеќе деца во училишните клупи, вработувања и можности за претпримачите Роми, носење на фондови и проекти во сферата на домување, создавање на алијанси за соработка и повеќе пријатели во корист на ромската заеднница итн се работи кои што ги издвојувам како дел од позитивните искуства.
Трн: Каква е иднината за Ромите во Македонија, а и во регионот?
Eлвис: Многу млади ни се иселија и работат во државите на Европската Унија. Сеуште голем дел од нив гледаат единствена шанса во тоа. Од друга страна сме млада популација која што сеуште се соочува со многу вкоренети бариери. Многу предизвици пред нас како на национално така и во светски рамки. Најдобро е кога имаме пред нас заедничко општество за сите. На среќни луѓе кои живеат во мир и благосостојба. Сакам да создадеме отворено општество и општество кое што меѓусебно се подржува и споделува исто онолку колку што може и да се радува на другите успеси. Ромите во Македонија може да го искористат својот потенцијал и да бидат повторно лидери и за регионот. Но тоа зависи од сите НАС.