„Вратата на пеколот“ пополека се „затвора“

Ретко се случува кога некоја индустриска несреќа ќе стане туристичка атракција. Но, кога советскиот истражувачки тим копал за да открие природен гас во Туркменистан пред повеќе од 50 години, започнал ланчана реакција која го креирала гасниот кратер Дарваза – огромна, огнена дупка која стана едно од најпознатите туристички атракции во оваа држава.
Фото: Benjamin Goetzinger, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Овој кратер се нарекува и „Врата на пеколот“, а феноменот е предизвикан од запалениот метан кој излегува од многу отвори на подот и ѕидовите на кратерот. Доколку стоите покрај него, може да почувствувате топлина како излегува од дупката.

Особено е интересен навечер, кога огнот гори под ѕвезденото небо.

Кога посетителите почнале да доаѓаат за да го видат кратерот, немало никакви погодности, ниту услуги за туристи, па морале да носат се што им е потребно за да преноќат покрај него. Денес, постојат три постојани кампови за преспивање, како и оброци и мотиризиран превоз за тие кои не сакаат да пешачат до кратерот.

Кратерот е широк околу 70 метри и длабок 30 метри, со вертикални ѕидови кои нагло се спуштаат покрај камењата расфрлани на дното. Сигурносната ограда е додадена во 2018 година, за да се заштитат посетителите да не паднат во кратерот.

Фото: © Tormod Sandtorv / Darvasa gas crater panorama

„Тоа е срушена гасна пештера, која звучи интересно и потсеќа на стара печка на гас“ вели Гед Гилмор, кој пишуваше за кратерот во книгата „Stand by Me: A whirlwind Tour Through Central Asia“.

„Но постои и нешто језиво во тоа, мене ми беше многу језиво“ додава Гилмор.

Сепак, кратерот можеби нема да постои уште долго, барем не како огнен кратер.

Владата на Туркменистан во неколку наврати ја споменува можноста на некој начин да го затвори кратерот, а тие кои редовно го посетуваат и истражуваат кажуваат дека пламенот во кратерот е се помал.

„Би рекол дека гори на само 40 отсто во однос на тоа кога прв пат бев таму во 2009 година“ вели Дилан Лупен, чија компанија „Лупен Травел“ беше пионир во носењето туристи во Туркменистан.

„На многу поголема површина од кратерот тогаш гореше пламен. Сега е помалку, а и пламенот не е висок како што беше“ вели тој.

Стоејќи на работ од кратерот, локален водич кој сакаше да остане анонимен бидејќи не беше овластен да зборува со медиумите, потврдува дека пламенот се намалува во последните седум години и неговите 40-тина посети на Дарваза.

„Порано имаше повеќе пламен отколку сега, веројатно затоа што гасниот џеб се истроши“, изјави тој.

Но, тоа не ја намалува привлечноста на ова хибридно чудо, што е особено неверојатно кога песочна бура дува и прикрива сè освен треперливиот оган што допира од темната јама долу.

Никој не е сосема сигурен кога гасниот кратер се отворил, делимично поради тоа што извештаите од советската ера недостасуваат или се непотполни.

„Постојат многу контроверзи, многу несогласувања околу тоа како се ова започнало“ вели Џорџ Курунис, канадски авантурист и тв водител, кој е единствена позната личност што истражувала внатре во кратерот.

„Не знам во што да верувам. Постојат толку многу приказни и митологии за ова место. Тоа е лудо“ вели тој.

Според него, најчестата теорија е дека кратерот настанал во 1971 година и дека брзо потоа бил запален.

„Но, додека бев во Туркменистан, имавме само двајца геолози од ‘старата школа’ кои дојдоа со мене кај кратерот и тие велат дека кратерот се формирал во некој момент во 1960тите и дека тонел прилично долго, а не бил запален се до 1980тите“ вели Курунис.

Мистерија е и како се запалил гасот.

„Некои велат дека тоа било рачна бомба. Некои велат дека Советите само фрлиле шкорче. Слушнав приказна и дека пијан фармер паднал со својот трактор“ вели Курунис.

Локалните водичи сепак имаат друга теорија. Тие велат дека огнот бил запален од локалните селани кои не сакале миризбата од кратерот да им го уништува живтот или гасот да им го загрози животот. Мислеле дека ќе изгори за неколку недели.

Извор: Н1

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни