Врачени највисоките признанија на Струшките вечери на поезијата

63-тите „Струшки вечери на поезијата“ свечено се затворија со поетското читање „Мостови” и врачување на престижните награди „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“, „Мостови на Струга“ и „Млада Струга“. „Златниот венец“ го доби францускиот поет Жан Пјер Симеон, а наградата „Браќа Миладиновци“ ѝ беше врачена на Катица Ќулавкова за збирката „Небото ми е дом“. Манифестацијата се затвори на Мостот на поезијата, проследена со огномет, а фестивалот продолжува со поетски настани во Крушево и Скопје.

Жан Пјер Симеон, француски поет, драматург и есеист вчера вечер на Мостот на поезијата во Струга го прими највисокото признание „Златен венец“ за 2024 на Меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата.

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“ беа врачени и наградите „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата на македонската поетеса и книжевен теоретичар Катица Ќулавкова за книгата „Небото ми е дома“ и „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант на германската писателка Катрин Пиц за нејзината поетска книга „Вакви денови имало отсекогаш“. Годинава прв пат беше врачена и наградата „Млада Струга“ за необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант за 2024 година на Филипа Сара Попова, што ја доделува националата установа „Струшки вечери на поезијата“ со поддршка на делегацијата на Европската унија.

Изразувајќи благодарност за честа што е добитник на највисокото признание „Златен венец“, лауреатот Симеон во името на сите поети се заблагодари, за како што рече, оваа прекрасна песна од планини, шуми и езера во Македонија, кои ја држат високо крената светилката на поезијата.

– Ако песната е срцето на животот што бие, Струга во срцето на милениумската Европа е срцето на поезијата што бие. Струшките вечери на поезијата се мугрите на срцето и на духот, рече Симеон, по добивањето на признанието.

Покрај добитниците на фестивалските признанија на поетскиот митинг стихови читаа и поети од разни страни на светот, а поетска Струга по 63. блесна во сиот свој сјај.

Годинашното мото на Струшките вечери на поезијата е „Допир на убавината“, со кое се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку неговата тактилност и рељефност со допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. Прв пат на манифестацијата Константиновата Т`га за југ на свеченото отворање беше прочитана на Брајово писмо од слепо лице.

Манифестацијата почна во четвртокот со традиционалното садење дрвце во Паркот на поезијата во чест лауреатот и палење на фестивалскиот оган во Домот на поезијата. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни