Вработувањето во Соединетите Американски Држави имало нагорен раст во јануари, со речиси трипати повеќе нови работни места во споредба со крајот на 2025 година, додека стапката на невработеност бележи благо намалување, покажува најновиот извештај на американското Министерство за труд.
Работодавачите во САД во јануари нето отвориле 130 илјади нови работни места. Ревидираниот податок за декември покажува 48 илјади новоотворени работни места, а за ноември 41 илјада.
Според ревидираните бројки, во текот на целата 2025 година нето биле отворени 181 илјада работни места, што во просек изнесува околу 15 илјади месечно. Првичните податоци претходно покажуваа значително повисока бројка – 584 илјади нови работни места или околу 49 илјади месечно.
Здравството води по нови вработувања
Најмногу нови работни места во јануари се отворени во здравствениот сектор – 82 илјади, што е два и пол пати повеќе од месечниот просек во 2025 година. Следува секторот за социјална заштита со 42 илјади нови работни места, додека градежништвото бележи раст од 33 илјади.
Сепак, на ниво на целата 2025 година, бројот на вработени останал речиси непроменет во однос на претходната година.
Во федералните државни служби бројот на вработени е намален за 34 илјади во јануари, делумно поради прифаќање понуди за заминување со отпремнина. Во однос на највисокото ниво забележано во октомври 2024 година, бројот на вработени во федералната администрација е намален за 327 илјади, односно за речиси 11 проценти.
Намалување на работни места е регистрирано и во секторот на финансиски активности, каде нето се изгасени 22 илјади позиции.
7,4 милиони Американци без работа
Во јануари без работа биле 7,4 милиони Американци, приближно исто како и во декември. Стапката на невработеност изнесувала 4,3 проценти, што е за 0,1 процентен поен помалку во однос на претходниот месец.
За споредба, во јануари 2025 година невработеноста изнесувала 4,0 проценти, со 6,9 милиони лица без работа.
Просечната саатнина во јануари пораснала за 0,4 проценти во однос на декември и достигнала 37,17 долари. На годишно ниво, платите се зголемени за 3,7 проценти.
