Вработените во РТС со јасно барање: Ако не се обрати раководството ќе сметаме дека се повлекло

Собирот на вработените во Радио-телевизија Србија (РТС) денеска побара итно обраќање од раководството и надлежните служби, со цел добивање јасни насоки за работа во услови на блокада.
Фото: X/@M2aja

„Доколку никој не ни се обрати во најбрз можен рок, ќе сметаме дека раководството се повлекло и не е во можност да раководи со јавниот медиумски сервис“, се наведува во нивното соопштение.

Покрај тоа, вработените побараа оставки од уредници и новинари кои, според нив, ги прекршиле законите и новинарскиот кодекс, дозволувајќи во информативните емисии да се шират невистини и навреди кон колеги, студенти и граѓани.

„Не смееме да заборавиме дека јавниот сервис има одговорност кон сите граѓани на Србија, а цензурираните и нецелосни информации се недозволиви“, стои во соопштението.

Како последица на прикривањето на студентскиот протест на 15 март, архивата на РТС остана без траен запис од настанот, а за идна употреба ќе мора да користи снимки од други медиуми.

Вработените бараат и итна промена на уредувачкиот концепт, со професионално и непристрасно известување, согласно законот и етичките стандарди.

Шест дена по ред, студенти и граѓани ја блокираат зградата на РТС во центарот на Белград и во Кошутњак, изразувајќи незадоволство од пристапот на јавниот сервис кон протестите. Во знак на поддршка, од Нови Пазар пристигнаа студенти кои велат дека сакаат да ги заменат своите колеги и да им овозможат да го прослават Велигден со семејствата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни