Вработените во Лувр го продолжија штрајкот

Вработените во музејот Лувр денеска одлучија да го продолжат штрајкот, откако претходно оваа недела едногласно донесоа одлука да стапат во протест.

Сè уште не е јасно дали денешниот штрајк ќе резултира со целосно затворање на музејот. Утринава посетителите со купени билети чекаа во ред пред влезот, додека раководството проценуваше дали има доволен број вработени за безбедно отворање на галериите.

Причините за штрајкот, според синдикатите, се хроничниот недостиг на кадар, влошената состојба на објектот и низа неодамнешни одлуки на управата. Состојбата дополнително се влошила по спектакуларната кражба што се случи пред два месеца, со која биле откриени сериозни пропусти во безбедносниот систем на музејот.

Претставници на француското Министерство за култура во понеделникот одржаа средба со синдикатите и предложија да се откаже планираното намалување на финансирањето за 5,7 милиони евра во наредната година, да се распише конкурс за нови чувари и работници во службите за посетители, како и да се зголемат надоместоците за вработените. Синдикалните претставници, сепак, оценија дека предложените мерки не се доволни.

Претседателката на Лувр, Лоранс де Кар, беше најавено дека подоцна денеска ќе се појави пред Комисијата за култура во францускиот Сенат, додека парламентот ја продолжува истрагата за безбедносните пропусти во музејот.

По кражбата, Де Кар изјави дека станува збор за „институционални пропусти“, а подоцна призна дека дури по настанот дознала за клучна ревизија на безбедносните мерки изработена во 2019 година. Францускиот ревизорски суд и посебна административна истрага во меѓувреме го критикуваа одложувањето на реформата на безбедносниот систем на Лувр.

Министерството за култура минатиот месец објави итни мерки за спречување упади и го ангажираше Филип Жост, кој ја надгледуваше реставрацијата на Нотр Дам, да помогне во реорганизацијата на музејот. Овој потег во јавноста се толкува како знак за зголемен притисок врз раководството на Лувр.

За време на повторното отворање на музејот на 19 октомври беа украдени драгоцености вредни повеќе од 100 милиони евра, кои сè уште не се пронајдени.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни