Вработените во филхармонија добија поддршка од нивните белградски колеги во борбата за избор на директор

Вработените во Македонската филхармонија денеска добија поддршка од своите колеги од Белградската филхармонија, кои ги охрабруваат да истраат во борбата за законски и транспарентен избор на директор, заснован на квалитет, а не на политички договори. И во Белградската филхармонија во моментов трае штрајк, при што нивните музичари бараат јасни и праведни критериуми за избор на ново раководство, како и зголемување на платите.

„Музичарите од Белградската филхармонија им даваат целосна поддршка на своите колеги од Македонската филхармонија во нивната борба за законски и транспарентно спроведен конкурс за избор на директор.

Сосема ни е јасна вашата битка, зошто во моментов со ист проблем се соочуваме и ние. И нашата држава, како и вашата, треба да бидат свесни дека не може да постои здраво општество, доколку граѓаните ја изгубат својата верба во институциите на системот и ако културата и уметноста постојано се туркаат на маргините.


Многу добро знаеме и ние, и вие, колку е важно кој ќе застане на чело на нашите институции, зошто тоа го одредува патот по кој ќе се движиме во иднина. На вашата држава треба да ѝ биде јасно дека Македонска филхармонија не е прекрасната нова концертна сала, на која ви завидуваат колегите од регионот, туку музичарите кои работат во неа. И дека вам, а не на концертната сала, ви е потребен квалификуван и вешт менаџер, а не партиски поставен директор без критериум и со заобиколување на законските нормативи.

Се надеваме дека ќе истраете во вашата борба и дека ќе се изборите Македонската филхармонија да добие нов директор на законски и транспарентен начин“, се вели во соопштението на музичарите од Белградската филхармонија.

Поддршката од српските колеги доаѓа во момент кога прашањето за изборот на нов директор на Македонската филхармонија е во фокусот на јавноста, а вработените во институцијата остануваат доследни во своите барања за професионално и независно управување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни