Вработениот во градинка, Винсент Чан (45) од Финчли се изјасни за виновен за 26 сексуални дела против деца, по една од најтешките и најсложените истраги за детска злоупотреба што ги спровела Метрополитен полицијата во Лондон.
Чан работел во градинка во северен Лондон од 2017 до 2024 година. Против него се поднесени обвиненија кои опфаќаат пет дела за сексуален напад со пенетрација врз дете, четири за сексуален допир, 11 точки за правење непристојни фотографии и шест за изработка или поседување непристојни слики од категории А, Б и Ц, при што категоријата А претставува најтешка форма на злоупотреба.
Неговото осудување е закажано за 23 јануари во Крунскиот суд Вуд Грин.
Како бил откриен случајот
Чан бил разоткриен кога колешка пријавила дека снимил дете како заспива за време на оброк и додал музика „за комичен ефект“ пред да го сподели видеото. Полицијата го уапсила во јуни 2024 година за занемарување и запленила 28 дигитални уреди од неговиот дом и од градинката.
По форензичката анализа, завршена во јули 2025 година, биле откриени голем број непристојни материјали и докази за сексуална злоупотреба. Во септември 2025 година, Чан повторно бил уапсен под сомневање за сексуални дела. Полицијата потоа запленила уште 41 уред, и од неговиот дом и од градинката „Брајт Хорајзонс“ во Вест Хемпстед, која веќе е затворена.
Изјава од полицијата
„Сексуалната злоупотреба на деца е едно од најстрашните злосторства, а делата на Чан укажуваат на долгогодишен и пресметан образец на злоупотреба,“ изјави детективот Луис Басфорд.
Тој додаде дека првичната пријава од вработената била клучна за спречување на понатамошна злоупотреба.
Жртви и поддршка
Полицијата досега идентификувала четири деца како жртви. Семејствата добиваат специјализирана поддршка, а НСПЦЦ отвори линија за помош за околу 700 семејства чија деца ја посетувале градинката во периодот од 2017 до 2024 година.
Во изјава преку адвокатската фирма „Ли Деј“, семејства на погодени деца порачаа дека очекуваат најстрога казна за Чан, истакнувајќи дека сè уште се обидуваат да се справат со „морничавото откритие“ што го преживеале нивните деца.
