Како да избегнете опасни ситуации кога станува збор за зимско возење? Возењето во зимски услови е најмалку двојно потешко отколку во остатокот од годината, што е предизвик и за почетниците и за искусни возачи. Францускиот рели возач Брајан Буфие вели дека добро е да знаете неколку совети и трикови, како да постапите за да избегнете потенцијално опасни ситуации и што да направите ако се најдете во таква.
Основно правило: полека и без нагли движења
Кога на патот има снег, најважно е да останете смирени, полека да сопирате, да гледате далеку напред, да го зголемите растојанието за сопирање и да ја намалите брзината“, посочува Буфие. Во зимски услови, гумите имаат помал стисок, што значи дека вашите тркала се повеќе склони кон лизгање. Ненадејните движења на воланот или наглото сопирање може да предизвикаат сериозна несреќа.
Безбедносно растојание на влажни или лизгави коловози
Растојанието на сопирање на влажни и лизгави коловози може да биде два до три пати подолго, во зависност од возилото и од брзината. Затоа е важно да го зголемите растојанието до возилото пред вас за да си дадете повеќе време безбедно да застанете.
Сопирање
Совладувањето на техниката на сопирање е особено важно во зима. Искусните возачи често користат моторно сопирање, што е побезбедно. Наместо да се притисне педалата на сопирачката, потребно е да се намали гасот и да се префрли во помала брзина, така што возилото само ја намалува брзината без нагли движења. Повеќето модерни возила имаат вграден систем ABS кој го спречува блокирањето на тркалата при сопирање, што е особено корисно на лизгави патишта. ABS го скратува растојанието за сопирање и го спречува возилото да „танцува“ на патот.
Што да направите ако возилото почне да „танцува“ на патот?
Клучот е упатството од почетокот на текстот: останете мирни и не правете нагли движења.
Ако предните тркала се лизгаат, намалете го гасот или целосно тргнете ја ногата од педалот за гас. Автомобилот речиси ќе застане, што ќе ви овозможи да ја вратите контролата. Ако задните тркала се лизгаат, насочете го воланот во насоката во која задните тркала се лизгаат. Ако тркалата се лизгаат надесно, свртете го воланот надесно. Полека тргнезе ги нозете од педалите за гас и од сопирачките.
Ако не можете да возите на снег…
Ако се заглавите во снегот, па не можете да стартувате, не притискајте на педалата за гас и не ги пуштајте тркалата во мирување. Ова само ќе го продлабочи снегот под тркалата. Наместо тоа, обидете се да го лулате возилото напред-назад неколку пати по ред. Ако тоа не помогне, исчистете го снегот околу тркалата и ставете душеци под гумите. Ова ќе им даде на гумите подобро држење и ќе ви го олесни излегувањето од снегот.
Зошто е потребно да го исчистите автомобилот од снег пред да возите?
Секогаш чистете го снегот од покривот на возилото пред да тргнете. Додека возите, снегот од покривот може да се лизне нанапред на шофершајбната и да ја намали видливоста.
Тестирајте го вашето возило
Ако сте нов возач или не знаете како се справува вашето возило на снег, важно е да го тестирате на безбедно, во област каде што нема сообраќај.
Зимски гуми
Веројатно не треба ни да се споменува, но зимските гуми се предуслов за безбедно возење во зимски услови. Нивниот состав и длабочината на шарата обезбедуваат подобар стисок што не можат да го понудат универзалните гуми.