Декември 2025. Неколку стотини луѓе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски” и „Србија” во Скопје. Не е студено само поради зимата, индексот на загадување на одредени мерни станици таа вечер достигнува 210. Паролата е едноставна: „Усје фабрика за смрт.” Протестот е мирен, но луѓето се гневни. Ова е нивниот воздух.
Фабриката која градот ја опколи
Цементарница Усје се наоѓа на границата меѓу општини Кисела Вода и Аеродром, практично во срцето на источно Скопје. Дел е од грчката Титан Групација, еден од најголемите производители на цемент во Европа. Поседува А-интегрирана еколошка дозвола и според сите официјални контроли, работи во законски рамки.
Цементарницата работи на истото место 70 години. Во тоа време Скопје порасна, се прошири и го опколи погонот од сите страни. Денес, некои би рекле дека градот имал несреќа да дојде до фабриката. Други дека фабриката имала несреќа градот да ја стигне. Воздухот, во меѓувреме, не избира страна.
Меѓународната платформа Climate TRACE, која користи сателитско следење и моделирање на индустриски емисии, ја рангира Цементарница Усје во првите десет проценти на емитери на ПМ2.5 честички на глобално ниво. Во некои денови Скопје се наоѓа во топ-10 најзагадени градови во светот.
Што прави тој воздух со нас
ПМ2.5 не се само бројки на апликација. Станува збор за честички толку мали што ги заобиколуваат природните филтри на телото и влегуваат директно во крвотокот. Според Светската здравствена организација, долготрајната изложеност е поврзана со кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и зголемен ризик од рак на бел дроб. Најизложени се деца, постари лица и хронично болни.
СЗО препорачува дека ако ПМ2.5 ја надминат дневната дозволена вредност повеќе од три до четири дена годишно, воздухот е потенцијално штетен за здравјето. Во Скопје тоа се случува многу почесто.
Цементарната прашина носи дополнителен ризик. Покрај фините честички, при согорување на алтернативни горива се ослободуваат токсични соединенија чија опасност не се мери само во моментот на вдишување, туку во кумулативната изложеност со текот на годините.
Граѓаните кои одбија да молчат
„Стоп за Усје” e иницијатива зад која стојат граѓани од Кисела Вода и Аеродром, општини кои буквално живеат во сенката на фабричките оџаци. Дел од нив претходно се бореа против горењето во депонијата Вардариште и го знаат овој тип на борба.
Трн ги праша кои се нивните конкретни барања.
-Титан Усје да дозволи поставување на ЦЕМС систем, мерни станици во нивниот оџак кои ќе бидат интегрирани со државниот мониторинг систем во МЖСПП кој дава 24/7 презентирање во реално време за целата јавност. Со ова ќе биде на исто ниво на транспарентност како и останатите државни мерни станици. Да дозволат поставување на повеќе мерни станици околу Усје за да се мери и загадувањето во околината и колкаво е учеството на Усје во вкупното загадување – велат тие.
На прашањето на кои податоци се потпираат, „Стоп за Усје” велат:
-Ги вкрстуваме податоците од Титан Усје, МЖСПП, Општина Кисела Вода, како и светски независни апликации за сателитски мерења во цел свет (Climate TRACE). Сите наши барања се засноваат на стручна анализа и европски практики. Тие не се паушални ниту популистички, сите се лесно достапни и секој граѓанин може сам да ги провери и да се увери во нивната основаност, објаснуваат тие.
Но најзначајниот одговор дојде на прашањето за инспекцискиот надзор. Државниот инспекторат за животна средина тврдеше дека во текот на 2025 година спровел шест контроли, и во ниту една не утврдил неправилности. „Стоп за Усје” побарале официјален одговор од инспекторатот. Според иницијативата, во одговорот кој го добиле стои дека во сите шест контроли во текот на 2025 година, ниту во една не било спроведено независно контролно мерење од страна на инспекторите.
Инспекторатот контролирал без да мери. Од Иницијативата јавно прашува:
-Што конкретно било предмет на овие редовни и вонредни контроли, доколку не е направено независно мерење? Што во пракса се подразбира контрола без проверка на емисиите преку сопствено мерење? Во одговорот се наведува дека една од контролите била спроведена во 22:00 часот. Доколку не било извршено мерење заради вкрстена проверка на податоците објавени од Титан Усје, останува нејасно која била суштината и целта на таа контрола.
Поради тоа, „Стоп за Усје” бара воспоставување на јавен граѓански инспекторат, механизам со кој граѓански претставници ќе присуствуваат на контролите заедно со инспекторатот. Претседателката Сиљановска-Давкова на заедничкиот состанок изразила поддршка за оваа иницијатива.
Усје одговори навремено и прецизно
Трн испрати четири прашања до Титан Усје поврзани со дилемите за загадувањето кои последниве месеци се отворија во јавноста.
На прашањето за горивото, компанијата објасни дека од 2020 година не користи RDF.
-Користиме неопасни моно фракции на отпад кој се генерира во нашата земја и не е погоден за рециклирање. Тоа се лушпи од ориз, текстил, хартија и картон, композитни материјали и сличен неопасен отпад. Употребата на алтернативните горива спаѓа во групата на еколошки технологии. На температура на материјалот пониска од 1.450 степени Целзиусови не се добива потребниот квалитет на цемент, затоа секогаш се одржува оваа работна температура во процесот, се вели во одговорот на Усје.
Токму употребата на текстил и слични материјали беше едно од главните тврдења на граѓанската иницијатива. Усје сега потврдува дека тоа е точно, само тоа го нарекува „неопасен отпад.”
На прашањето за надминувања на дозволените гранични вредности, од Усје се категорични:
-Титан Усје НИКОГАШ не ги надминува законски дозволените гранични вредности на емисии. Континуираниот мониторинг и интегрираните системи за превентивно одржување во фабриката овозможуваат навремено пресретнување на потенцијалните емисии и нивна превенција.
Системот мери вкупна прашина, NOx и SO₂. Прашањето на Трн специфично вклучуваше и диоксини. На тој дел од прашањето не добивме одговор.
Хемиската анализа на алтернативните горива, велат, ја врши независна акредитирана лабораторија во Холандија. Резултатите се достапни до надлежните институции, но не и до јавноста.
За независниот мониторинг, од Усје велат:
-Со инструментите кои се поставени на оџаците, Титан Усје веќе има независен мониторинг. ЦЕМС уредите поседуваат сертификат од TUV Germany и се заклучени системи. Системот за мониторинг е дизајниран и сертифициран да работи автономно. Извештаите со измерени вредности се генерираат автоматски и истите ги споделуваме со надлежните институции, медиумите и ги поставуваме на нашата веб страница.
Она што го бара „Стоп за Усје”, интеграција во државниот систем со јавен пристап во реално време, не е споменато.
Во одговорите, компанијата напомнува дека во некои земји од Европската унија употребата на алтернативни горива во цементната индустрија „е над 90% од потребите за енергенси.” Во Усје, моментално, тој удел е помалку од пет проценти.
Политиката која гласа и заминува на пауза
На 26 декември 2025, по 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на Цементарница Усје. Историски момент, велеа советниците. Премиерот Мицкоски изјави дека Владата ќе постапи според заклучоците.
Министерството за животна средина не се огласи ниту да ги потврди, ниту да ги демантира наводите. Дислокацијата на индустриски капацитет со А-интегрирана дозвола е правно и финансиски сложена операција која, ако воопшто започне, би траела со години. Временска рамка нема. Финансиска конструкција нема. Политичка волја, засега само на гласање.
Воздухот не чека.