Истражувачите од Универзитетот во Бирмингем во Велика Британија го мереле загадувањето со PM честички во три домови во текот на две недели. Тие откриле дека нивоата на загадување во секоја куќа биле повисоки и поваријабилни од оние на отворено. Еден од домовите ги надминал границите на PM 2,5 на Светската здравствена организација во девет од 14-те дена.
„Нашата студија ја покажува потребата да се следи загадувањето на воздухот во затворените простории, бидејќи луѓето можат да дишат загаден воздух дома, дури и ако надвор воздухот е добар“, вели коавторката и соработничка за чист воздух, Катрин Ратбоун.
Нивоата на PM значително се разликуваа помеѓу домовите, што покажува дека следењето само на една локација не е доволно, а разбирањето на она што го зголемува загадувањето на воздухот во домовите е клучно за да помогне во негово намалување.
„Методите коишто ги користевме прецизно ги моделираа нивоата на PM во затворен простор, помагајќи да се подобрат проценките на изложеноста“, нагласува коавторот и соработник на Clean Air Owain Rose.

Истражувачите идентификуваа неколку различни фактори коишто придонесуваат за нивоата на загадување со честички во внатрешните простории. Во затворен простор, зголеменото движење на луѓето предизвикало повисоки нивоа на ПМ10 – честички со дијаметар од 10 микрометри или помали. Активностите како готвење, пушење и загревање се главни извори на PM 2,5 – помали честички со дијаметар од 2,5 микрометри.
Зградите не можат да го филтрираат надворешниот воздух, така што загадувањето со честички доаѓа преку отворени прозорци, врати, па дури и празнини во фасадата.
Се разбира, не можеме да избегнеме да бидеме во нашите домови, но има неколку работи коишто можете да ги правите за да го намалите загадувањето на воздухот.
Еден од најдобрите начини да се ослободите од загадувачките честички кои се задржуваат во вашите теписи е често да ги чистете теписите и чергите со правосмукалка. Ако навистина сакате да ги намалите загадувачките честички во вашиот дом или страдате од алергии, дрвениот под е многу полесен за чистење. Не носењето чевли во затворен простор, редовното перење на постелнината и тресење на предметите што не се перат, исто така, може да ви помогнат да ја одржите вашата куќа без загадувачки честички.

Ако квалитетот на воздухот е подобар надвор, отворањето на прозорците може да биде едноставно решение за отстранување на загадувачките честички. Но, со оглед на тоа што надворешните извори исто така го зголемуваат загадувањето во затворен простор, треба добро да размислите. Ако живеете во близина на прометен пат, на пример, не отворајте ги прозорците за време на „шпицот“ во сообраќајот. Здружението за градежни инженерски услуги (BESA) препорачува да ги следите вашите локални нивоа на загадување и подолго време да ги отворате прозорците во деновите кога нивоата на загадување се пониски, односно пократко кога нивоата на загадување се повисоки.
Инаку, сите три домови во студијата имале централно греење со шпорет на гас. Наместо тоа, изборот за електричен шпорет може да го намали загадувањето во затворените простории. Плинските шпорети испуштаат други штетни загадувачи освен PM, вклучително и азот диоксид (NO2). Минатата година, тим од Факултетот за здравствени науки на Универзитетот Јауме I во Шпанија процени дека тие придонесуваат за раната смрт на околу 40.000 Европејци секоја година.
Претходните студии покажаа дека наместо тоа, користењето на електричен шпорет може да го намали просечното дневно загадување со NO2 во затворен простор за 56%.
Европската алијанса за јавно здравје (ЕPHA) ги повика пратениците на ЕУ постепено да ги укинат шпоретите за гас преку ограничување на емисиите. Но, ослободувањето од нив може да биде скапо и EPHA исто така повика на воведување финансиски стимулации за префрлување на почисти опции.
Користењето на аспираторот исто така може да помогне да се ослободите од маснотиите, чадот, мирисите и влагата што остануваат во воздухот откако ќе готвите. Вклучете ги додека готвите и оставете ги потоа за да го исчистите воздухот. Еден од трите домови во студијата на Универзитетот во Бирмингем, во кој имало пониски нивоа на загаденост во целина, редовно користел аспиратор при готвење.