Дваесет и осум лица, меѓу кои жени и деца, биле киднапирани во неделата навечер од вооружени мажи додека патувале на муслимански фестивал во централна Нигерија, се наведува во безбедносен извештај.
„Во вечерните часови на 21 декември, вооружени мажи киднапираа 28 лица, меѓу кои жени и деца, додека патувале на прославата на Маулид“, во близина на селото Зак во сојузната држава Плато, се наведува во безбедносниот извештај подготвен за Обединетите нации, во кој имал увид AFP.
Групата се упатувала кон настан посветен на одбележување на раѓањето на пророкот Мухамед, кога нивното возило било „пресретнато“, се наведува во извештајот, со дополнување дека полицијата започнала истрага.
Полицијата на сојузната држава Плато, на барањето на AFP за коментар, не одговорила веднаш.
Ова киднапирање се случило истиот ден кога биле ослободени 130 ученици – последните од групата од 250 деца киднапирани пред еден месец од католичко училиште на северот на земјата.
Нигерија, најнаселената африканска држава со околу 230 милиони жители, од ноември се соочува со зголемен број напади.
Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека „исламистички терористи“ намерно ги прогонуваат христијаните во Нигерија, што нигериските власти го негираат.
Нигериската влада и независни аналитичари одбиваат да го прифатат тврдењето за верски прогон – аргумент кој со години го користат христијанската десница во Соединетите Американски Држави и Европа, како и нигериски сепаратистички групи кои имаат влијание во Вашингтон.
Нигерија се соочува со повеќе безбедносни закани – од џихадистички групи на североистокот до обични криминални банди на северозападот на земјата.
Обединетите нации предупредија на „повторен пораст на масовни киднапирања“, во кои често се вклучени стотици ученици. Други цели биле и верници за време на богослужби, во одделни случаи на киднапирање.
Едно од првите масовни киднапирања што привлече меѓународно внимание се случи во 2014 година, кога џихадистите од Боко Харам киднапираа речиси 300 девојчиња од нивниот интернат во североисточниот град Чибок.
Оттогаш, киднапирањето за откуп „се консолидирало во структурирана и профитабилна индустрија“ која, според неодамнешен извештај на консултантската компанија SBM Intelligence од Лагос, меѓу јули 2024 и јуни 2025 година генерирала околу 1,66 милиони долари.