Претставата „Вообразен болен“, според култниот текст на Жан Батист Поклен – Молиер, во режија на Никола Завишиќ, ќе гостува во Македонскиот народен театар (МНТ) на 23 декември во 20:00 часот. Оваа постановка на Народно позориште Белград носи освежена визија на класичното дело, изведена во духот на оригиналот од 1673 година и за првпат со вклучени интермеца, како што ги замислил самиот Молиер.
Режисерот Завишиќ објаснува дека претставата претставува омаж на Молиер не само како писател, туку и како актер кој го живеел театарот до последниот здив.
„Се наоѓаме на четвртата изведба на ‘Вообразен болен’ на 17 февруари 1673 година, кога Молиер навистина ја одиграл својата последна улога. Сакавме да создадеме комедија што не бега од емоцијата и трагиката, што зборува за болеста како метафора на општеството,“ вели Завишиќ.
Драматургот Периша Перишиќ додава дека делото е апотеоза на жанрот, во кое музиката, танцот и комиката се спојуваат во полнокрвен театарски спектакл.
„Не го митологизираме Молиер, туку го прикажуваме суровиот, човечки театар – она што и денес постои во продукцискиот свет каде ’show must go on‘,“ додава Перишиќ.
Преку хиперболизиран хумор и апсурден комичен стил, претставата ги преиспитува моралните вредности, зависноста од болеста и лицемерието на општеството. Болеста на Арган станува метафора за колективната заблуда и општествената хипохондрија, создавајќи трагикомичен портрет на времето во кое живееме.
Уметничкиот тим го сочинуваат:
- Драматург: Периша Перишиќ
- Сценограф: Јелена Радовиќ
- Костимограф: Суна Кажиќ
- Композитор: Јован Стаматовиќ Кариќ
- Дизајн на звук: Владимир Петриќевиќ
- Кореографија: Тамара Пјевиќ и Јакша Филиповац
- Сценски говор: Љиљана Мркиќ Поповиќ
Во актерската екипа настапуваат: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ, Вучиќ Перовиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ Кариќ.
Билетите се достапни онлајн и на билетарницата во МНТ.