Вучиќ: Вонредните парламентарни избори нема да зависат од локалните

Претседателот на Србија порача дека одлуката за евентуални предвремени парламентарни избори ќе ја донесат институциите врз основа на интересите на државата, а не според резултатите од локалните избори.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека евентуалното распишување вонредни парламентарни избори нема да зависи од резултатите од локалните избори што треба да се одржат на 29 март во десет општини во Србија.

Во изјава за РТС, Вучиќ рече дека најважно е локалните избори да бидат демократски и граѓаните слободно да одлучат „според својата совест“. Сепак, нагласи дека одлуката за распишување парламентарни избори ќе ја донесат надлежните институции врз основа на интересите на државата, а не на интересите на која било политичка партија, вклучително и на Српската напредна странка.

Тој додаде дека по локалните избори ќе се знае кој ќе управува со десетте општини, изразувајќи уверување дека неговата партија ќе победи во сите. Вучиќ најави и дека следната година Српската напредна странка ќе го избере својот кандидат за претседателските избори.

Според него, можно е претседателските и парламентарните избори во 2027 година да се одржат одвоено.

Во интервјуто Вучиќ говореше и за европската перспектива на Србија, посочувајќи дека земјата би ја прифатила идејата за постепено приклучување кон Европската Унија, со цел да се обезбеди слободен пазар, безбедност и отстранување на бариерите.

Тој најави и средба со претставници на француската компанија EDF, со кои ќе разговара за развој на нуклеарна енергија во Србија. Според неговите проценки, првата нуклеарна централа во земјата би можела да биде во функција околу 2041 година.

Во дел од изјавата Вучиќ ја критикуваше и Хрватска, тврдејќи дека Загреб во изминатиот период бил „главна логистичка поддршка“ за притисоците врз Србија.

Тој се осврна и на воените капацитети на Србија, велејќи дека земјата располага со хиперсонични балистички ракети со дострел од 200 до 400 километри. Сепак, нагласи дека Србија има добри односи со НАТО и дека ќе продолжи да ги развива, иако нема намера да стане членка на Алијансата.

Вучиќ додаде дека Србија нема да ги приватизира стратешките компании, како што е Електростопанство на Србија, но дека државата е заинтересирана за купување стратешки компании во регионот.

На крајот најави дека кон крајот на март во Белград ќе биде претставена новата програма за развој на Србија до 2030–2035 година

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни