Во атинските општини Глифада и Вари-Вула-Вуљагмени, кои беа најпогодени од вчерашното силно невреме во областа Атика, е прогласена вонредна состојба. Одлуката ја донесе генералниот секретар за цивилна заштита со цел поефикасно справување со итните потреби и управување со последиците од невремето, јави дописничката на МИА од Атина.
Во двете општини се пријавени значителни материјални штети, додека во Глифада животот го загуби 56-годишна жена, која се обидела пеш да помине по една од поплавените улици. Вонредната состојба е прогласена во траење од три месеци.
Портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, на редовниот брифинг со новинарите изјави дека „вчера не беше ден во кој едноставно врнеше дожд“, нагласувајќи дека на многу локации наврнале исклучително големи количини дожд за краток временски период.
„Сведоци сме на временски појави со јачина каква што немаше во претходните години. Затоа проценките, превентивните забрани за движење и сите известувања до граѓаните се од витално значење“, рече Маринакис, осврнувајќи се на предупредувањата испратени преку системот 112 до жителите на Атика уште рано наутро, неколку часа пред почетокот на невремето.
Тој додаде дека ваквите пораки и процедурите за евакуација во одредени случаи можат директно да спасат човечки животи, посочувајќи дека станува збор за механизам кој порано не постоел, а денес претставува клучен дел од системот за цивилна заштита во Грција.
