Фон дер Лајен: Европа не смее да дозволи да биде дефинирана од туѓи светогледи

Претседателката на Европската комисија порача дека САД во својата безбедносна стратегија го игнорирале поширокиот глобален економски контекст

Европа не смее да дозволи нејзината иднина да биде обликувана од туѓи светогледи и надворешни проценки, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, коментирајќи ја новата Национална стратегија за безбедност на Соединетите Американски Држави, во која Европската унија е опишана како простор изложен на „цивилизациска ерозија“.

Говорејќи пред Европскиот парламент во Стразбур, Фон дер Лајен нагласи дека критичките тонови од Вашингтон не треба да ја изненадуваат европската јавност, но дека тие не смеат да бидат водилка за идниот развој на Унијата.

„Никого не треба да го шокира тоа што други зборуваат за Европа. Ова не е првпат претпоставките за Европа да се покажат како застарени“, изјави таа, додавајќи дека Европската унија мора самостојно да се соочи со реалноста на свет кој станува сè поопасен, поагресивен и сè повеќе ориентиран кон голи интереси.

Фон дер Лајен оцени дека денешниот глобален поредок е обележан со војни, геополитички притисоци и „предаторски“ односи, порачувајќи дека времето на носталгија за поранешниот мир е завршено. „Европјаните мора да бидат способни сами да се бранат и да се потпрат на сопствените капацитети“, рече таа.

Осврнувајќи се на економскиот дел од американската стратегија, Фон дер Лајен призна дека Европа навистина бележи пад на својот удел во светскиот бруто-домашен производ – од 25 проценти во 1994 година на околу 14 проценти денес. Но, како што нагласи, во документот од Вашингтон изостанува клучна информација.

„Она што не беше спомнато е дека и уделот на САД во светскиот БДП падна – од 22 проценти во 1994 година на 14 проценти денес. Ова не е приказна за слабеење само на Европа, туку за длабоки промени во глобалната економија“, истакна таа, потсетувајќи дека во истиот период Кина го зголемила својот удел од четири на 20 проценти.

Во тој контекст, претседателката на Европската комисија повтори дека преземањето целосна одговорност за европската безбедност повеќе не е избор, туку нужност. Таа нагласи дека Европската унија во текот на оваа година направила повеќе за својата одбрана отколку во изминатата деценија.

„Во последните десет години во европските одбранбени фондови вложивме осум милијарди евра, а само оваа година обезбедивме можност до 2030 година да се мобилизираат дури 800 милијарди евра“, изјави Фон дер Лајен, најавувајќи дека темата за европската безбедност ќе биде еден од клучните приоритети на претстојниот самит на Европскиот совет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни