Американската компанија Волт Дизни потврди дека ќе отпушти уште неколку стотици вработени ширум светот, и покрај тоа што неодамна објавените резултати за првиот квартал од 2025 година покажуваат солиден раст на приходите.
Во соопштението за медиумите, од компанијата порачуваат дека индустријата „се трансформира брзо“ и дека Дизни мора „ефикасно да управува со работењето за да го задржи нивото на иновации што публиката го очекува“, пренесува Би-Би-Си.
Отказ ќе добијат вработените во секторите за филм, телевизија и финансии. Новата рунда на кратење трошоци ги погодува повеќе тимови, меѓу кои и маркетинг-единиците на филмските и телевизиските студија, како и секторите за кастинг, развој на содржина и корпоративни финансии. Компанијата нагласува дека ниту еден тим нема да биде целосно укинат.
Дизни моментално вработува околу 233.000 луѓе, од кои повеќе од 60.000 надвор од Соединетите Американски Држави. Во негова сопственост се и компаниите Марвел, Хулу и ЕСПН.
Приходите на Дизни за првиот квартал од оваа година изнесуваат 23,6 милијарди долари, што е зголемување од седум проценти во однос на претходниот квартал. Главен двигател на растот беше приливот на нови корисници на платформата Дизни Плус, пренесоа медиумите во мај.
Филмот на Дизни „Снежана“, кој премиерно беше прикажан во март 2025, наиде на остри критики и слаб одѕив во кината, но неговиот анимиран филм „Лило и Стич“ урна рекорди на гледаност за време на празничниот викенд во Соединетите Американски Држави и досега има заработено над 610 милиони долари ширум светот.