Индексот Dow Jones се намали за само еден поен, достигнувајќи 41.859 поени, додека индексот S&P 500 падна за 0,04 проценти, на 5.842 поени. Nasdaq, пак, забележа пораст од 0,28 проценти и се искачи на 18.925 поени.
Стабилизацијата на берзанските индекси се должи на благото намалување на приносите на државните обврзници, кои претходно беа во пораст поради загриженоста кај инвеститорите околу можниот пораст на јавниот долг. Причината за ваквите очекувања е предлогот за намалување на даноците од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, поради што агенцијата Moody’s неодамна го намали кредитниот рејтинг на САД.
Претставничкиот дом на Конгресот доцна синоќа со тесно мнозинство го изгласа предлог-законот за намалување на даноците, а во наредните денови се очекува расправа по истиот и во Сенатот.
Аналитичарите предупредуваат дека ваквата даночна политика може да доведе до дополнително зголемување на јавниот долг, кој моментално изнесува околу 36.200 милијарди долари. Проценките се дека во наредните десет години долгот би можел да се зголеми за уште 3.800 милијарди долари.
„Проблемот денес беше законот за даноци, кој доби поддршка во Конгресот. Но, постојат и поголеми проблеми – царините и каматните стапки. Пазарот не поднесува неизвесност, а токму ситуацијата со царините и пазарот на обврзници внесува таква неизвесност“, изјави Џорџ Јанг, партнер во компанијата Villere & Co.
Додека берзанските индекси на Волстрит останаа стабилни, на европските берзи цените на акциите паднаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,54 проценти, на 8.739 поени, франкфуртскиот DAX се намали за 0,51 проценти, на 23.999 поени, а парискиот CAC индекс падна за 0,58 проценти, на 7.864 поени.