Волстрит сепак ја заврши неделата во плус, европските берзи во пад

„Инвеститорите тешко можат да одлучат дали да купуваат акции во вакви услови на нестабилност и неизвесност. Загрижени се поради царините, бидејќи е тешко да се процени какво ќе биде нивното влијание врз економијата“, вели Пол Нолте, аналитичар во компанијата Murphy & Sylvest.

По ретко видени осцилации на цените на акциите, индексите на Волстрит минатата недела силно пораснаа, и покрај ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина, додека на европските берзи цените паднаа.

На Волстрит минатата недела Dow Jones порасна за 4,95 проценти и достигна 40.212 поени, додека S&P 500 скокна за 5,7 проценти, на 5.363 поени, а Nasdaq индексот порасна за 7,3 проценти, на 16.724 поени.

На почетокот од неделата, овие индекси беа под притисок поради драстичните царини кои ги најави претседателот на САД, Доналд Трамп, на почетокот од април, поради кои една недела претходно цените на акциите забележаа најголем неделен пад од корона-кризата во 2020 година. Но до пресврт дојде во средата, кога Трамп неочекувано ја одложи примената на дополнителните, реципрочни царини за 90 дена за сите земји освен Кина.

Тој ден на Волстрит владееше еуфорија, па S&P 500 скокна за 9,5 проценти — што е негов трет најголем дневен раст од Втората светска војна. Nasdaq индексот пак, забележа втор најголем скок во својата историја, повеќе од 12 проценти.

Благодарение на тоа, индексите неделата ја завршија во плус. Сепак, тие сè уште се во загуба во споредба со почетокот на април, кога Трамп ги најави царините.

Откако Трамп ја одложи примената на реципрочните царини, многу земји порачаа дека се подготвени за преговори. Меѓу другите и Европската унија, која ги одложи и своите контрамерки на царините на Трамп.

Сепак, царинската војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува, бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царинска стапка на увоз на кинеска стока на 145 проценти. Кина, пак, на увозот на американска стока постави царини со вкупна стапка од 125 проценти.

Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика пореметувања во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, раст на инфлацијата и забавување на глобалниот економски раст — па дури и рецесија.

„Инвеститорите тешко можат да одлучат дали да купуваат акции во вакви услови на нестабилност и неизвесност. Загрижени се поради царините, бидејќи е тешко да се процени какво ќе биде нивното влијание врз економијата“, вели Пол Нолте, аналитичар во компанијата Murphy & Sylvest.

И додека на Волстрит цените на акциите пораснаа минатата недела, на повеќето други светски берзи тие паднаа.

Таков е случајот и со најголемите европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 1,1 проценти, на 7.964 поени, додека франкфуртскиот DAX се намали за 1,3 проценти, на 20.374 поени, а парискиот CAC падна за 2,3 проценти, на 7.104 поени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни