Берзанските индекси на Волстрит во четвртокот пораснаа втор ден по ред, откако инвеститорите здивнаа по одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од воведување нови царини за увоз од европските земји.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,63 проценти, достигнувајќи 49.384 поени, додека S&P 500 порасна за 0,55 проценти на 6.913 поени. Технолошкиот индекс Nasdaq забележа најголем раст од 0,91 процент, искачувајќи се на 23.436 поени.
Благодарение на растот втор ден по ред, берзанските индекси надоместија речиси сите загуби од почетокот на неделата, кога цените на акциите нагло паднаа поради заканите на Трамп за воведување царини на увоз од осум европски земји, доколку тие не го прифатат неговиот план поврзан со купување на Гренланд.
Откако во средата Трамп соопшти дека е постигнат рамковен договор за Гренланд и дека нема да воведе дополнителни царини, инвеститорите повторно почнаа да купуваат акции. Позитивно влијание врз пазарот имаа и охрабрувачките податоци од американската економија, кои укажуваат на продолжен раст на потрошувачката кон крајот на минатата година, релативно стабилен пазар на труд и контролирана инфлација.
Со намалувањето на геополитичките тензии меѓу САД и Европската унија, во наредните денови фокусот на инвеститорите повторно ќе се насочи кон кварталните деловни резултати на компаниите, кои на почетокот на неделата, за време на кулминацијата на таканаречената „гренландска криза“, беа во втор план.
Раст и на европските берзи
И на европските берзи вчера беа забележани растови. Лондонскиот индекс FTSE зајакна за 0,12 проценти, достигнувајќи 10.150 поени, франкфуртскиот DAX порасна за 1,20 проценти на 24.856 поени, додека парискиот CAC се зголеми за 0,99 проценти, на 8.148 поени.
