Волстрит падна по неколкудневен раст

Американските берзи забележаа пад во вторникот, по шест последователни дена раст, откако изостанаа позитивни економски вести, а инвеститорите изразија загриженост поради растот на приносите на државните обврзници.

Dow Jones индексот ослабе за 0,27 проценти и се затвори на 42.677 поени, S&P 500 падна за 0,39 проценти на 5.940 поени, додека Nasdaq индексот изгуби 0,38 проценти и достигна 19.142 поени.

Во фокусот на пазарите беше пазарот на обврзници, бидејќи приносите пораснаа, што значи дека државата се задолжува по повисоки каматни стапки. Дополнителна несигурност внесе и неодамнешната одлука на кредитната агенција Moody’s да го намали кредитниот рејтинг на САД од Aaa на Aa1, поради високиот буџетски дефицит, зголемените трошоци за финансирање и планираното намалување на даноците. Претходно, истото го направија и агенциите Fitch и S&P Global Ratings, наведувајќи како главна причина зголемениот јавен долг.

Јавниот долг на САД во моментов изнесува околу 36.200 милијарди долари, а се проценува дека би можел да порасне за дополнителни 3.000 до 5.000 милијарди долари во следните десет години. Причина за тоа се плановите на Републиканската партија за ново намалување на даноците. Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера ги повика републиканските пратеници да го поддржат предложениот закон за намалување на даноците. Според проценките, ваквата мерка би можела да ја поттикне потрошувачката и да придонесе за економски раст, но доколку не се намали и државната потрошувачка, таа би довела до дополнително зголемување на јавниот долг.

За разлика од американските пазари, европските берзи вчера забележаа раст. Лондонскиот FTSE индекс се зголеми за 0,94 проценти и достигна 8.781 поен, франкфуртскиот DAX порасна за 0,42 проценти на 24.036 поени, додека парискиот CAC се зголеми за 0,75 проценти на 7.942 поени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни