Волонтерската иницијатива „Support Kocani“ го доби Златниот сертификат за волонтерство за 2025 година

Младинскиот културен центар Битола, во пресрет на 5 Декември Меѓународниот ден на волонтерите, по дваесетти пат ги додели Националните волонтерски награди, со кои се оддава признание на поединци и иницијативи што со својот ангажман ја зајакнуваат солидарноста и хуманоста во заедницата.

Годинава беше доделен еден Златен сертификат за волонтерство, и тоа на волонтерската иницијатива Support Kocani, која се формираше по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година. Иницијативата, предводена од посветени волонтери, обезбедува поддршка за семејствата на загинатите и повредените, мобилизирајќи широк спектар организации, компании и граѓани што донираат или на друг начин се вклучуваат во помошта.

Од МКЦ Битола истакнуваат дека Support Kocani е пример за вистинска солидарност во време на болка, демонстрирајќи како граѓаните можат да се обединат за да помогнат каде што најмногу треба. Волонтерите речиси осум месеци непрекинато работат на обезбедување поддршка за засегнатите семејства, ставајќи ги луѓето – а не бројките – во центарот на својата мисија.

„Во време на болка, солидарноста е најголем лек. Никој нема да биде сам… Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така“, порачаа волонтерите од иницијативата.

МКЦ – Битола упати честитки до добитниците и до сите волонтери во земјава и светот, порачувајќи дека 5 Декември е ден кога се слави хуманоста, посветеноста и духот на заедништвото.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни