Пожарот во Националниот парк Галичица гореше повеќе од десет денови, а за негово локализирање граѓаните се организираа волонтерски, со повици на социјалните мрежи.
На социјалните мрежи се споделуваа повици во кои се повикуваа сите физички спремни доброволци да се пријават и приклучат на Планинската спасителна служба или на единиците на Националниот парк Галичица.
„Волонтери на Планинската спасителна служба при Црвен крст и алпинистичкиот клуб ‘Патагонија’ од Охрид заедно со припадници од ренџерската служба на Национален парк Галичица, од самиот почеток на пожарот се во постојана битка со огнената стихија која веќе 10 дена беснее во високо планинските предели на Галичица“ информира Центарот за управување со кризи.
Како што информира ЦУК пожарот на Галичица денеска гори, на исток во правец на селата Лескоец и Стење во општина Ресен, додека на охридската страна гори кон месноста Војтино и на север кон планинарската куќа.
Во гасењето денес учествува еден хеликоптер на МВР, кој гаси на ресенска страна, додека три ер-трактори од Дирекцијата за заштита и спасување и од Германија гасат на охридската страна.
Денеска во гасењето на пожарот учествуваат вкупно 120 лица од Дирекцијата за заштита и спасување, од територијалните противпожарни единици, Планинската спасителна служба, како и волонтери.
Во пожарот на Галичица гори нискостеблеста вегетација, но зафатена е и букова шума.
Шумските пожари ова лето, од кои дел се случија и во националните паркови и заштитените подрачја, само ја истакнаа потребата од поголемо внимание за шумите и заштитата на животната средина.