Германскиот автомобилски концерн Volkswagen денеска објави дека планира да вложи милијарда евра во технологии за вештачка интелигенција до 2030 година.
Компанијата има намера да ја интегрира вештачката интелигенција во сите сегменти од своето работење, и очекува дека тоа ќе ѝ донесе заштеди од четири милијарди евра до 2035 година, пренесува Ројтерс.
„За нас, вештачката интелигенција е клуч за поголема брзина, квалитет и конкурентност низ целиот ланец на вредности – од развојот до производството на автомобили“, изјави директорката за информациски технологии во Volkswagen, Хауке Старс.
Volkswagen моментално поминува низ значајни промени на пазарите во Германија и Кина, додека истовремено се фокусира на развој на нови модели и програми за намалување на трошоците.
Компанијата во неделата најави дека следната година ќе претстави нова линија на мали електрични возила.
Акциите на Volkswagen во вторникот пораснаа за 1,3 отсто на берзата, додека нивната вредност од почетокот на годината се зголеми за 14,3 отсто.