Произведувачот на автомобили volkswagen, кој подготвува драстичен план за штедење, ја одби вчера понудата на синдикатите да се намалат трошоците за да се спречи затворање на фабрики во Германија. Ова одбивање го отвора патот за заострување на дијалогот со синдикатрите и можни штрајкови кај најголемиот производител на автомобили во Европа.
Додека volkswagen во септември најави дека работи на програм за враќање на својата конкурентност, тековните разговори помеѓу управата и синдикалните претставници, по принципот на заедничко управување, не овозможиле постигнување договор за мерките за реструктуирање.
Претставниците на вработените во ноември изнесоа понуда која вклучува суспензија на бонусите, зголемување на платите и скратено работно време, со што, според нив, се овозможува избегнување на затворање на фабрики во Германија и масовни отпуштања.
Таа понуда не се смета за одржлива, соопштија денес од управата.
„Ова би можело да има позитивни ефекти на краток рок, но споменатите мерки најчесто не резултираат со трајно финансиско олеснување за компанијата во годините кои следат“, се наведува во соопштението на производителот.
Синдикатите проценуваат остварлива заштеда од 1,5 милијарди евра, што е далеку од целите на групата. Синдикатот IG Metal, кој ги води преговорите, го осуди одговорот на управата која „ги игнорира конструктивните предлози на претставниците на работниците“.
Претставниците на вработените рекоа дека најмалку три фабрики на volkswagen се во опасност од затворање во Германија и дека неколку десетици илјади работни места можат да бидат затворени, додека преостанатите вработени ќе мораат да се согласат на намалување на платите.
Двете страни треба да продолжат со преговорите на 9 декември.