Германскиот автомобилски гигант Volkswagen планира да укине околу 50.000 работни места во Германија до 2030 година, откако нето профитот на компанијата во 2025 година паднал за 44 проценти, на 6,9 милијарди евра.
Главниот извршен директор Оливер Блуме на состанок во седиштето на компанијата во Волфсбург изјавил дека програмата за намалување на трошоците ќе биде проширена. Со тоа планираното кратење на работни места е значително поголемо од претходно договореното намалување од 35.000 позиции со синдикатите на крајот на 2024 година.
Приходите на компанијата останале на околу 322 милијарди евра, додека оперативниот профит речиси се преполовил на околу 8,9 милијарди евра.
Финансискиот директор Арно Антлиц изјавил дека Volkswagen се соочува со „исклучително предизвикувачко опкружување“, обележано со геополитички тензии, нови трговски бариери и сè посилна конкуренција, особено од кинеските производители.
Дополнителен притисок врз работењето доаѓа од пазарите во Кина и САД, додека продажбата во Европа пораснала, но не доволно за да го надомести падот на тие пазари.
Во текот на 2025 година Volkswagen испорачал околу 8,98 милиони возила ширум светот, што е намалување од 0,5 проценти во споредба со претходната година.
Компанијата се соочува и со силна конкуренција од кинеските производители како BYD, Geely и Nio, кои брзо го зголемуваат својот пазарен удел и технолошки го намалуваат заостатокот зад западните брендови.
Проблемите особено го погодиле брендот Porsche, чија продажба во Кина значително опаднала. Во исто време компанијата ја преиспитува својата стратегија и повторно се насочува кон модели со мотори со внатрешно согорување, по претходниот силен фокус на електричните возила.
И покрај падот на профитот, раководството на компанијата продолжува да добива милионски бонуси. Според медиумските извештаи, членовите на управата добиле бонуси во вредност од околу 13,6 милиони евра, додека Оливер Блуме добил околу 7,4 милиони евра.
Претставниците на работниците бараат и вработените да добијат дел од финансиските бенефити, со оглед дека компанијата минатата година остварила силен паричен тек од околу 6,4 милијарди евра.
И покрај слабите резултати, од Volkswagen очекуваат закрепнување во 2026 година и раст на оперативната маржа на меѓу четири и 5,5 проценти, откако во 2025 година таа падна на 2,8 проценти.