Полковникот Мишел Рандријанирина од елитната воена единица на Мадагаскар денеска објави дека вооружените сили ја презедоа власта во оваа островска земја во Индискиот Океан, веднаш откако парламентот му изгласа импичмент на претседателот Андриј Раџоелина.
Полковникот Рандријанирина им изјави на новинарите дека армијата ќе формира совет составен од армиски и жандармериски офицери и дека премиер ќе биде назначен „брзо“ за да формира цивилна влада.
Соопштението означува крај на седумгодишното владеење на претседателот Раџоелина, кој избега од земјата откако елитна воена единица им се придружи на антивладините демонстранти.
Раџоелина денеска со декрет го распушти Долниот дом на Парламентот, продлабочувајќи ја политичката криза во земјата.
Потоа парламентот гласаше за негов импичмент откако 130 пратеници гласаа „за“, а едно гласачко ливче беше празно.
Претседателството објави дека состанокот е неуставен и дека секоја одлука или резолуција што произлегува од него е ништовна по распуштањето на собранието.