Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска изјави дека војната во Судан „излегува од контрола“ откако паравоените сили го зазедоа градот Ал-Фашир.
„Стотици илјади цивили се заробени во оваа опсада. Луѓе умираат од глад, болести и насилство. И постојано слушаме извештаи за кршење на меѓународното хуманитарно право и човековите права“, рече Гутереш на самитот на ОН во Катар.
Тој додаде дека има и „веродостојни извештаи за масовни убиства откако паравоените Сили за брза поддршка –РФС влегоа во градот“.
Запрашан дали верува дека има потреба да се испратат меѓународни мировници во Судан, Гутереш рече дека е важно да се „обедини целата меѓународна заедница и сите оние кои имаат влијание во врска со Судан за да се запрат борбите“.
„Една работа што е неопходна за запирање на борбите е да се обезбеди повеќе оружје да не влегува во Судан. Мора да создадеме механизми за одговорност бидејќи злосторствата што се извршуваат се толку ужасни“, рече тој.
Паравоената група „Сила за брза поддршка“ негираше дека ги извршила злосторствата, но сведоштвата на бегалците, видео снимките и сателитските снимки ги демантираат.
Градот Ал Фашир беше под опсада цели 18 месеци, а „Силата за брза поддршка“ го зазедоа минатата недела.
Граѓанската војна во Судан почна во април 2023 година, а досега, според податоците на ОН, во неа загинаа над 40.000 лица, додека хуманитарните организации велат дека вистинскиот број на жртви би можел да биде многу поголем.