Климатските амбиции на Европската Унија би можеле да се соочат со сериозно одложување. Војната против Иран ги вивна цените на енергенсите до небо и го отвори критичното прашање за безбедноста на снабдувањето. И покрај тоа, лидерите на ЕУ остануваат на ставот дека патот до енергетска независност води исклучиво преку чиста енергија и намалено потпирање на фосилни горива.
Со вртоглавиот раст на цените и заканата од прекини во снабдувањето, Брисел е принуден да балансира меѓу две цели: одржување на курсот кон климатска неутралност до 2050 година и обезбедување достапна енергија за домаќинствата и бизнисите.
Ценовен шок по нападите од 28 февруари
Откако САД и Израел извршија воени напади врз Иран на 28 февруари, цените на гасот во ЕУ се зголемија за околу 70%, додека цената на нафтата порасна за приближно 60%.
Тензиите на Блискиот Исток, вклучително и можната блокада на Ормускиот Теснец,витална точка низ која минува една третина од светската нафта и една петтина од течниот природен гас (LNG), навестуваат дека високите цени ќе се задржат подолго време.
Јагленот како „појас за спасување“?
Притисокот веќе се чувствува во националните метрополи. Некои земји-членки размислуваат за привремено враќање на јагленот за да го олеснат товарот врз граѓаните. Во Германија, министерката за енергетика, Катерина Рајхе, предложи ублажување на климатската легислатива на ЕУ27. Канцеларот Фридрих Мерц ја поддржа идејата, изјавувајќи дека термоцентралите на јаглен можеби ќе мора да останат активни подолго од планираното.
Во Италија, владата веќе го одложи затворањето на капацитетите на јаглен за 2038 година, нарекувајќи го овој потег „заштитна мерка“. Сепак, експертите како Лука Бергамаски од еколошкиот центар „ECCO“ сметаат дека враќањето на јагленот е тешко изводливо поради застарената инфраструктура.
Брисел не отстапува: „Зеленото е поевтино“
И покрај воениот конфликт, ЕУ останува цврста против враќањето на руските фосилни горива како привремено решение, идеја која неодамна ја спомена белгискиот премиер Барт Де Вевер. Комесарот за енергетика, Дан Јоргенсен, по итниот состанок на 31 март, порача дека домашната чиста енергија и модернизацијата на мрежата се „единствениот пат напред“.
„Мораме двојно да ги зголемиме напорите за енергетска независност. Обновливите извори се клучот за заштита од надворешни шокови“, изјави Јоргенсен пред европратениците.
Податоците на ЕУ за 2025 година одат во прилог на оваа теза: цената на обновливата енергија изнесувала околу 24 евра по мегават-час, наспроти 100 евра за гасот. Сепак, војната во Иран предизвика раст на трошоците во сите сектори.
Иднината на европската енергетска мрежа
Додека Берлин и Лондон инвестираат во енергија од ветер, а Италија доби одобрение од Европската комисија за 6 милијарди евра за производство на водород, останува предизвикот за надградба на целокупната инфраструктура на електричната мрежа во Европа. Само така Унијата ќе може целосно да го искористи потенцијалот на сонцето и ветерот и конечно да се ослободи од увозната зависност што ја диктираат воените жаришта.