Германската економија се соочува со сериозни последици од војната со Иран, откако конфликтот на Блискиот Исток предизвика силни потреси на глобалните енергетски пазари и во транспортните синџири.
По нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз Иран, Техеран брзо возврати со напади врз воени и цивилни цели во соседните земји и практично го затвори Ормускиот теснец – еден од најважните поморски коридори во светот. Низ овој теснец во Персискиот Залив се транспортира околу 20 проценти од глобалната нафта.
Како резултат на тоа, цената на нафтата веднаш нагло порасна, а последиците веќе се чувствуваат и на германските бензински пумпи, пишува Дојче веле.
Цените на бензинот и дизелот нагло скокнаа. Во зависност од регионот, литар бензин достигнува и до 2,50 евра, додека просечната цена на дизелот моментално е нешто над две евра, што е за 30 до 40 центи повеќе отколку пред нападите врз Иран.
Уште поголем раст е забележан кај цените на гасот, откако Иран со дронови нападна постројки за течен природен гас во Катар и ја запре нивната работа. Иако Германија директно не увезува течен гас од Катар, туку се потпира на различни извори, како норвешките гасоводи, цените на европскиот големопродажен пазар сепак зависат од глобалната понуда и побарувачка.
Поскапувањето на енергенсите не ги погодува само домаќинствата, туку и индустријата, која се соочува со значително повисоки производствени трошоци. Особено се погодени енергетски интензивните индустрии како хемиската индустрија, производството на челик, стакло и хартија, но и автомобилската индустрија и машиноградбата.
Шок за владата на Фридрих Мерц
Војната со Иран повторно покажа колку се ранливи високоиндустријализираните економии во време на глобални кризи. Вероника Грим, член на советот економски експерти што ја советува германската влада, предупредува дека расте ризикот од нов бран инфлација и дополнителна неизвесност за инвестициите.
„Мора да се подготвиме за подолг период на зголемена неизвесност“, изјави Грим за германската медиумска мрежа РедакционсНецверк Дојчланд.
Во германската политика веќе е вклучен алармот. Коалицијата ЦДУ/ЦСУ и СПД е на власт десет месеци, а канцеларот Фридрих Мерц најави дека оживувањето на економијата ќе биде негов главен приоритет.
Сепак, очекуваното закрепнување сè уште не е видливо, а скромниот раст забележан на почетокот на годината сега би можел да биде поништен поради војната со Иран.
Цените на енергијата во Германија веќе силно пораснаа по руската инвазија врз Украина. Новиот раст на цените, нарушените глобални синџири на снабдување и дополнителната неизвесност претставуваат сериозен удар за германската економија.
Економистката Грим бара Европа да ја направи својата енергетска снабденост поотпорна преку диверзификација на снабдувачките синџири, полни складишта, координирана европска набавка и побрза изградба на сопствени енергетски капацитети.
Иако ваквите барања се присутни уште од прекинот на руските испораки на гас пред четири години, нивната реализација се одвива бавно. По исклучително студената зима, складиштата со гас во Германија се речиси празни.
Проблеми и во транспортот
Освен енергетската криза, војната со Иран создава проблеми и во транспортниот сектор. Германските бродски компании се принудени да го заобиколуваат Персискиот Залив, што ги забавува глобалните синџири на снабдување и ја загрозува сигурноста на испораките.
Премиите за осигурување на поморскиот транспорт растат, како и трошоците за гориво.
Воздушниот простор над дел од земјите во Заливот е делумно затворен, па авиокомпаниите мора значително да ги менуваат рутите на летовите. Тоа не само што ги продолжува патувањата, туку ги зголемува и трошоците за керозин.
Опасност од нов бран инфлација
Со секој нов раст на цените на енергенсите се зголемува и ризикот од повторно зајакнување на инфлацијата. Компаниите се принудени повисоките трошоци да ги префрлат врз потрошувачите преку поскапување на производите, како што се случи за време на енергетската криза во 2022 година.
Доколку трошоците за живот продолжат да растат, куповната моќ ќе опаѓа, што негативно ќе се одрази врз домашната потрошувачка. Истовремено, германските производи ќе станат поскапи на меѓународните пазари, што претставува сериозен проблем за извозно ориентираната германска економија.
Иако политиката е свесна за проблемите, реакцијата засега е претпазлива. Министерката за економија и енергетика Катарина Рајхе формираше работна група која секојдневно ја анализира ситуацијата и подготвува можни мерки.
Целта е внимателно следење на движењето на цените, надзор над сигурноста на снабдувањето и проценка на последиците за компаниите.
„Постојано ја проценуваме и следиме ситуацијата“, изјави портпаролот на владата Штефен Мајер.
Федералната влада засега одбива директно да интервенира во цените на горивата, делумно и поради тоа што краткорочниот попуст на горивото од 2022 година имаше ограничен ефект.
Во меѓувреме, Федералната канцеларија за заштита на конкуренцијата ќе провери дали нафтените компании ја користат кризата за неоправдано зголемување на цените.
Факт е дека државата значително заработува од високите цени на горивата. Речиси половина од сумата што возачите ја плаќаат на бензинските пумпи завршува во државниот буџет преку различни даноци.
Лобистички здруженија, како автоклубот „Мобил ин Дојчланд“, веќе ја обвинија владата дека „го полни буџетот на сметка на возачите“.
Истовремено, еколошките и потрошувачките организации ја критикуваат владата дека го забавува развојот на обновливите извори на енергија. Според нив, законските процедури ја кочат изградбата на ветерни паркови и соларни проекти, што во време на глобална нестабилност ја прави Германија помалку отпорна на кризи отколку што би можела да биде.