Војната ги менува плановите за летување, Црна Гора станува хит дестинација

Црна Гора бележи раст на интересот кај туристите, додека војната и регионалната нестабилност ги менуваат плановите за летување во 2026 година.

Нестабилноста на Блискиот Исток веќе почнува да влијае и врз летните планови на туристите, а дел од интересот се прелева кон побезбедни и полесно достапни европски дестинации. Меѓу нив се издвојува и Црна Гора, која според најновите податоци бележи значителен раст на интересот кај патниците што бараат алтернатива за одмор.

Британскиот The Sun и анализа на платформата TravelSupermarket, покажуваат дека пребарувањата за Црна Гора во првите 25 дена од март пораснале за 122 проценти. Во истиот период, туристите значително повеќе пребарувале и други дестинации што се сметаат за посигурни во актуелниот геополитички контекст.

Пошироката слика оди во иста насока. The Guardian објави дека војната ги оттурнува европските туристи од делови на источниот Медитеран и Блискиот Исток, а интересот се пренасочува кон постабилни пазари како Италија, Шпанија, Малта и Хрватска.

Пребарувањата за Сардинија пораснале за 236 проценти, за Мајорка за 168 проценти, за Бодрум за 138 проценти, додека Тоскана, исто како Црна Гора, бележи раст од 122 проценти. Забележан е и пораст за Сус во Тунис од 102 проценти, за Доминиканската Република од 95 проценти, за Хрватска од 91 процент, за Калифорнија од 90 проценти и за Сент Лусија од 86 проценти.

Во таква атмосфера, и Црна Гора добива дополнителна видливост како помала, поблиска и релативно мирна јадранска дестинација.

Она што ја прави Црна Гора привлечна не е само безбедносниот момент, туку и комбинацијата од море, стари градови и планински пејзажи на мала територија. Земјата веќе неколку години се обидува да се позиционира како поинаква јадранска опција, а растот на интересот сега доаѓа во момент кога туристите очигледно сè повеќе ги мерат и ризикот и предвидливоста кога избираат каде ќе одат на одмор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни