Ескалацијата на насилството во кварт познат како жариште на трговија со дрога, веднаш до седиштето на телекомуникациската компанија Orange во Марсеј, ја принуди оваа корпорација да ги затвори своите простории и на илјадници вработени да им наложи работа од дома. Нарушувањето на работата на една од најпознатите компании во градот и спонзор на легендарниот стадион стана нов симбол за влијанието на наркокриминалот и чувството на несигурност, во пресрет на локалните избори.
Според неодамнешни анкети, безбедноста е една од главните грижи на гласачите, што ги принуди кандидатите од целиот политички спектар да понудат решенија за сузбивање на трговијата со дрога, пишува Politico.
Марсеј како огледало на Франција
Француските политички партии внимателно ја следат изборната трка во Марсеј, барајќи сигнали за пошироките политички битки што се очекуваат пред претседателските избори во 2027 година. Градот во многу аспекти е микрокосмос на Франција со изразена демографска разновидност и длабоки политички поделби.
Мултикултурните и посиромашни квартови, кои традиционално ја поддржуваат крајната левица, се граничат со поконзервативни населби што во последните години се свртуваат кон крајната десница. Како и во остатокот од земјата, политичкиот центар има слаба поддршка.
„Главната тема е безбедноста“, изјави кандидатката на десниот центар Мартина Васал. „Луѓето ми велат дека веќе не се осмелуваат да одат во центарот на градот.“
Актуелниот градоначалник, левичарот Беноа Пајан, сè уште е благ фаворит, но зад него тесно следи Франк Алисио од крајнодесничарското Национално обединување. Двајцата имаат околу 30 отсто поддршка во анкетите.
Спирала на насилство и сиромаштија
Насилството поврзано со дрогата повторно дојде во фокусот по убиството на 20-годишниот Мехди Кесачи. Властите го истражуваат злосторството како чин на заплашување, бидејќи неговиот брат е еден од најгласните активисти против наркотрговијата во градот.
Иако по убиството Марсеј го посетија претседателот Емануел Макрон и неколку министри, најавувајќи строга борба против криминалот, локалните жители предупредуваат дека репресијата сама по себе не е доволна.
„Ако репресијата функционираше, трговијата со дрога немаше да цвета“, вели активистката Каутер Бен Мохамед, поранешна социјална работничка. Таа нагласува дека без инвестиции во образование, јавни услуги и економија, младите ќе продолжат да паѓаат во мрежата на криминалот.
Станбената криза дополнително ја влошува состојбата многу сиромашни семејства живеат во дотраени и небезбедни објекти.
Безбедноста во центарот на кампањата
Иако водечките кандидати главно се согласуваат дека коренот на проблемот лежи во сиромаштијата и недостигот од јавни услуги, нивните решенија се разликуваат. Дел ветуваат повеќе полиција и видеонадзор, други инвестиции во образование, социјална заштита и домување.
Кој и да победи, ќе се соочи со непријатната реалност: клучните одлуки за полицијата и правосудството се носат на национално ниво. Судбината на Марсеј во голема мера ќе зависи од политичките битки што допрва ќе се водат во Париз.
