Ескалацијата на војната со Иран ги подгреа тензиите во источниот Медитеран, при што Европската Унија започна мобилизација за воена поддршка на Кипар, додека односите меѓу Грција и Турција повторно се најдоа под притисок.
Според Euractiv, повеќе европски влади се здружуваат зад Кипар, поради стравувањата дека конфликтот на Блискиот Исток може да се прелее во регионот, а Турција да ги искористи новите геополитички тензии за да ги зајакне своите претензии кон поделениот остров.
Неколку земји од ЕУ, меѓу кои Франција, Италија, Грција и Холандија, веќе започнаа со мобилизација на сили за поддршка на Кипар, кој е во состојба на висока готовност поради можни закани од Иран и либанскиот Хезболах.
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето изјави дека Европа планира распоредување повеќедоменски сили во регионот, опремени со системи за противракетна одбрана и системи за пресретнување беспилотни летала.
Воената мобилизација ја засили и Шпанија, која испраќа фрегата што ќе се приклучи на францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ и на грчките воени бродови во источниот Медитеран. Холандија, пак, најави дека ќе ја испрати фрегатата „Евертсен“, специјализирана за противвоздушна одбрана.
Оваа европска мобилизација доаѓа во време кога Техеран упати закани кон Европа. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багаеи предупреди дека европските држави „ќе ја платат цената“ доколку останат пасивни во конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Нови тензии меѓу Атина и Анкара
Во меѓувреме, Турција реагираше со загриженост поради воените потези на Грција во регионот.
Грција распореди ракетни системи „Патриот“ на островот Карпатос, во близина на турскиот брег, како и четири борбени авиони Ф-16 и две фрегати на Кипар.
Анкара тврди дека со испраќањето модерно оружје на островите во близина на нејзината територија, Грција ги прекршува меѓународните договори и предупреди дека нема да прифати „свршен чин“.
Атина, пак, возврати дека ваквото толкување е правно неточно и дека има суверено право да ја брани својата територија и сојузниците.
Ситуацијата дополнително се заостри по изјавата на грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас, кој изјави дека нема причина Грција да ја координира својата воена мобилизација со Турција.
Тој нагласи дека распоредувањето на силите на Кипар има за цел да го заштити „целото легално население на островот“, вклучувајќи ја и заедницата на кипарските Турци.
Од турското Министерство за надворешни работи возвратија дека кипарските Турци, „со поддршка на татковината“, се способни сами да ја гарантираат својата безбедност.
Во исто време, иранските вооружени сили демантираа дека испалиле балистичка ракета кон американската база Инџирлик во Турција, нагласувајќи дека Иран го почитува територијалниот интегритет на Турција и дека ја смета за „пријател и сосед“.