Лажни тврдења, видеа генерирани со вештачка интелигенција и рециклирани воени снимки масовно се шират на социјалните мрежи од почетокот на војната со Иран. Овие содржини се дел од државни наративи, но и од поединци кои бараат кликови и заработка.
Конфликтот покажа колку лесно технологијата за создавање видеа со вештачка интелигенција може да влијае врз перцепцијата на јавноста, особено во периоди кога луѓето интензивно консумираат вести, а државите се обидуваат да ја наметнат својата верзија на настаните.
Дигитално бојно поле
Лесниот и евтин пристап до AI алатки доведе до „поплава“ од лажни видеа и фотографии – од борбени сцени, напади врз цивили, до изјави кои никогаш не биле дадени.
„Драматични снимки кои наводно прикажуваат реални борби и ракетни напади ја преплавуваат јавноста и заведуваат милиони луѓе“, изјави медиумскиот аналитичар Марк Овен Џонс од Универзитетот Нортвестерн во Катар.
Тој додава дека социјалните мрежи станале вистинско бојно поле каде сите страни се борат за „срцата и умовите“ на луѓето
Од американска страна, според Џонс, се користат видеа комбинирани со холивудски сцени, форма на комуникација која се претвора во мем-култура.
Од друга страна, Иран возвраќа со сопствени меми и AI-содржини, често претерувајќи со прикажување на воени успеси за да создаде политички притисок во регионот.
Deepfake видеа што изгледаат реално
Развојот на вештачката интелигенција овозможува секој да создаде убедливи видеа, фотографии и аудио записи за неколку секунди.
Еден пример се видеа кои наводно покажуваат како американскиот носач на авиони USS Abraham Lincoln гори во море. Снимките биле толку убедливи што претседателот Доналд Трамп лично проверувал дали се вистинити. Подоцна изјавил дека станува збор за лажна информација.
Други лажни видеа прикажувале американски војници како плачат или уништени градови во Заливот – сите подоцна демантирани.
Брзина на ширење vs вистина
Во брзоразвивачки конфликт, проверените информации често доаѓаат со задоцнување, што создава простор за дезинформации.
„Луѓето бараат информации, но често добиваат погрешни“, вели Џонс.
Непроверени содржини можат да достигнат милиони луѓе за неколку минути, додека проверката на фактите е значително побавна.
Минатата недела се проширија шпекулации дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е мртов.
Некои корисници тврдеа дека видео објавено од неговиот кабинет покажува „аномалии“, како шест прсти – наводен знак дека станува збор за AI.
Нетанјаху потоа објави нови видеа за да ги демантира гласините, но шпекулациите продолжуваат да циркулираат.
Ботови и координирани кампањи
Дел од содржините се резултат на организирани кампањи со цел да се влијае врз јавното мислење.
Анонимни профили, често со променети имиња и без јасен идентитет, шират лажни вести и AI видеа.
Во некои случаи, автоматизирани профили – ботови – масовно споделуваат одредени наративи за да создадат впечаток дека се широко прифатени.
Сатира што изгледа реално
Не сите AI видеа се направени со цел да измамат. Дел се создадени како пародија или сатира.
Но, и тие често се мешаат со реални информации.
Меѓу примерите има видеа кои го прикажуваат Доналд Трамп како лидер на Иран, или Нетанјаху како робот со повеќе прсти.
Губење на довербата
Сè поголемиот број на дезинформации го отежнува разликувањето меѓу вистина и лага.
„Лажните информации се шират до десет пати побрзо од точните“, предупредува Џонс.
Дополнително, луѓето често реагираат емоционално и споделуваат содржини пред да ги проверат.
„Фактот што нешто изгледа реално повеќе не е доказ дека е вистина“, заклучува тој.