Балтичките земји договорија „воен Шенген“ за побрзо движење на трупите

Естонија, Латвија и Литванија потпишаа декларација за создавање Балтичка зона на воена мобилност, со цел да се отстранат бирократските пречки и да се олесни движењето на војската во мирнодопски услови. Што е договорено и

Министрите за одбрана на Естонија, Латвија и Литванија потпишаа заедничка декларација за намера за создавање Балтичка зона на воена мобилност (MMA). Иницијативата има за цел да ги отстрани административните и логистичките тесни грла што го забавуваат движењето на војската и воената опрема меѓу трите земји.

Проектот често се опишува како „воен Шенген“, по аналогија со цивилната Шенген-зона, бидејќи треба да овозможи слободно и брзо преместување на трупи без долги дозволи и сложена документација.

Што значи „воен Шенген“ во пракса

Естонскиот министер за одбрана Хано Певкур истакна дека суштината на иницијативата е укинување на бирократијата при военото движење меѓу европските држави. Тој нагласи дека и денес, дури и за заеднички воени вежби, се потребни обемни административни процедури што го забавуваат процесот.

Според актуелните правила, различните национални стандарди во рамките на НАТО можат да доведат до доцнења што траат со месеци – проблем што новата зона треба системски да го реши.

Регионална одбрана без административни бариери

Литванскиот министер Робертас Каунас објасни дека воената мобилност не се сведува само на документи, туку и на реална одбранбена способност. Во пракса, тоа би значело дека литвански тенкови можат брзо да ја поддржат Рига, естонската артилерија да помогне во одбраната на Вилнус, а латвиските сили да го зајакнат Талин.

„Во време на криза, секој час е важен“, порача Каунас, нагласувајќи дека границите и бирократијата можат директно да ја ослабат одбраната.

Безбедносниот контекст

Балтичките министри јасно укажаа дека руската закана за регионот ја сметаат за реална и долгорочна. Според нив, зголемените инвестиции во одбраната не се израз на желба за конфликт, туку обид да се зачува мирот преку одвраќање.

Латвискиот министер Андрис Спрудс истакна дека зоната на мобилност е наменета и за подобра координација со сојузниците и дека треба да функционира во копнениот, поморскиот, воздушниот и кибернетскиот домен.

На прашањето зошто биле потребни неколку години по целосната инвазија на Украина за да се започне со отстранување на овие бариери, Певкур призна дека процесот траел предолго. Како најголем предизвик ги посочи различните царински и административни правила меѓу европските држави, за чие усогласување е потребна поширока соработка во рамките на Европска Унија.

Европската комисија претходно предупреди дека патиштата, мостовите, железниците и бирократијата сериозно ја попречуваат брзата воена мобилност во Европа. Во дел од земјите, за премин на воена опрема се бара и до 45 дена претходна најава.

Балтичката иницијатива се гледа како прв конкретен чекор кон поширок европски „воен Шенген“, кој би овозможил побрзо распоредување на силите на источниот крилo на НАТО во случај на безбедносна закана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни