Воен авион бомбардираше чајџилница во Мјанмар – убиени 18 цивили, меѓу нив и дете

Најмалку 18 цивили загинаа, а околу 20 се повредени во минатонеделниот воздушен напад на мјанмарската армија врз локална чајџилница во регионот Сагаинг, објавија мештани и независни медиуми.

Нападот претставува уште еден во низата смртоносни воздушни удари насочени кон продемократските вооружени групи во пресрет на изборите закажани за крајот на месецот, напади во кои често страдаат цивили.

Мјанмар се наоѓа во состојба на длабок хаос од 1 февруари 2021 година, кога војската ја собори демократски избраната влада на Аунг Сан Су Чи, потег што предизвика масовни протести низ земјата. По насилното задушување на демонстрациите, голем број противници на хунтата земаа оружје, а денес значителен дел од државата е зафатен со вооружени судири.

Воздушниот напад се случил во петок околу 20 часот во селото Мајакам во општината Табајин, околу 120 километри северозападно од Мандалеј. Според очевидци, меѓу загинатите во чајџилницата имало петгодишно дете и двајца наставници. Во моментот на нападот, десетици луѓе гледале фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Мјанмар и Филипини.

Еден од мештаните, кој зборувал под услов на анонимност од страв од апсење, изјави дека борбениот авион испуштил две бомби кои експлодирале веднаш по активирањето на сирените за воздушна опасност, оставајќи им на луѓето премалку време да се засолнат. Освен чајџилницата, оштетени се и повеќе од 20 околни куќи.

Иако во поширокиот регион Сагаинг активно дејствуваат продемократските Сили за народна одбрана и етнички милитантни групи, мештаните тврдат дека во непосредна близина пред нападот немало борби. Во последните недели, хунтата го зголеми бројот на воздушни удари во обид да поврати контрола врз териториите пред изборите на 28 декември. Силите на отпорот немаат никаква заштита од воздушни напади.

Мјанмарската војска сè уште нема издадено официјално соопштение за нападот. По саботниот погреб на жртвите, дел од населението го напуштило селото, додека останатите започнале да копаат засолништа, стравувајќи од нови удари.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни