Водно: Колку го чуваме, толку ќе го имаме

Водно, со своите густи шуми и чист планински воздух, го претставува срцето на Скопје и е еден од неговите најголеми природни ресурси. Оваа планина не е само место за рекреација и одмор, туку вистински „бели дробови“ на градот, место каде телото дише чист кислород и секоја клетка се регенерира. Водно е повеќе од планина, тоа е симбол на природниот баланс што го одржува нашето здравје. Сепак, и покрај ова, се чини дека не знаеме вистински да го цениме она што го имаме.

Со своите пространи шуми и свеж воздух, Водно нуди непроценлив одмор од урбаниот метеж, а тоа што го прави уште поважно е фактот дека е прогласено за заштитено подрачје од петта категорија со одлука на Владата во 2021 година. Овој статус значи дека планината е формално призната како природно богатство, чија заштита треба да биде наш приоритет.

За жал, ние како граѓани често забораваме дека загадувањето на Водно е директно загадување на нас самите. Кога ги нарушуваме овие природни убавини со диви депонии, градежен шут и неодговорно однесување, не го уништуваме само пејзажот, туку и воздухот кој го дишеме. Парадоксално е што токму оние кои доаѓаат на планината за рекреација и здрава активност, се соочуваат со глетки на диви депонии и неподнослива реа.

Грозната слика на градежниот отпад над Шпанско Село, на патеката од Нерези до Пантелејмон, е сведоштво за нашата неодговорност. Реата што се шири од таму го  прави дишењето скоро невозможно, па единствен спас ти е да претрчаш покрај него со затнат нос. Овие депонии се мрачни потсетници на тоа колку сме свесни за своето уништување. Иако природата има начин да враќа, колку долго ќе го издржи нашиот немарен однос?

Сепак, постојат и позитивни примери, кои покажуваат дека со малку грижа и љубов кон природата, може да се направи голема разлика. На неколку викендички по патеката се гледа дека сопствениците се грижат за природата. Дедо Ѓоре, на пример, има поставено клупи и канти за отпадоци пред својата викендичка, и тоа место е секогаш чисто. Овие мали напори ја враќаат надежта дека Водно може да биде чисто и безбедно за сите кои го посетуваат.

Но, освен ѓубрето, уште една закана се опасните кучиња кои демнат од дворовите на приватни имоти, како и шарпланинците кои ги чуваат стадата. Овие сцени често внесуваат страв кај планинарите, но љубовта кон Водно го надминува стравот. Она што планината ни го дава е поголемо од секој предизвик со кој се соочуваме.

Нашата врска со Водно е длабока, но мора да разбереме дека одговорноста за нејзината иднина лежи кај секој од нас. Никој не може да исчисти колку што човекот може да загади, но мора да запомниме дека природата секогаш враќа. Дали ќе биде на подобро или полошо – зависи од нас. Водно е наше, и нашата одговорност е да го зачуваме за идните генерации. Загадено било, загадени сме ние!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни