Водич за родители за многу жешко лето

Топлотен удар кај деца: Кои се симтомите и што да направите

Топлотниот удар е сериозна и потенцијално животозагрозувачка состојба што настанува како резултат на прекумерно загревање на телото

Климатските промени веќе оставија видливи последици врз планетата – просечната температура е зголемена за 1,1 °C во последните 100 години, а секоја од последните четири децении е потопла од претходната. Топлотните бранови стануваат сè почести, подолги и поинтензивни.

Иако најмалку придонеле за климатската криза, децата се најпогодени од нејзините последици. Над милијарда деца ширум светот се изложени на ризици од суши, поплави, пожари и екстремни температури. Нестабилните временски услови и растечките температури дополнително го зголемуваат ризикот од болести, топлотен стрес и влошување на здравствената состојба кај најмладите.

Топлотните бранови и детското здравје

Над една третина од сите деца во светот денес (820 милиони деца) се директно изложени на топлотни бранови. Се предвидува дека состојбата дополнително ќе се влошува бидејќи глобалната просечна температура ќе порасне, а обрасците на временските услови ќе стануваат сè понестабилни.

Летото е период на најголема закана по здравјето на децата поради високите надворешни температури. Децата минуваат низ процеси на раст и развој, а поради нивната физиологија, нивните тела сè уште не се способни да ја регулираат температурата толку бргу како телата на возрасните. Особено новороденчињата и доенчињата (деца од еден месец до една година) се изложени на најголем ризик да се разболат, па дури и да умрат, поради прекумерна топлина.

Топлотен удар кај децата

Топлотниот удар е сериозна и потенцијално животозагрозувачка состојба што настанува како резултат на прекумерно загревање на телото. Кај децата, оваа состојба може да се развие многу брзо, особено при високи температури и изложеност на сонце. Често започнува со поблаги симптоми на топлотна исцрпеност – како главоболка, гадење, вртоглавица и зуење во ушите – но може брзо да премине во акутна состојба со сериозни последици.

Главниот показател на топлотен удар е нагло зголемување на телесната температура, која за само половина час може да надмине 40°C. Во такви случаи, телото веќе не може да се лади преку потење, што доведува до нарушување на виталните функции.

Најчести симптоми на топлотен удар кај деца:

  • Интензивна вознемиреност, гласно плачење, проследено со замор и поспаност
  • Недостаток на потење и покрај високата температура
  • Одбивање внес на течности
  • Повраќање и пролив
  • Грчеви во мускулите и стомакот
  • Хипервентилација и забрзан пулс
  • Вртоглавица, збунетост и некохерентен говор
  • Губење на свеста
  • Висока телесна температура (40°C и повеќе)
  • Црвенило на лицето и жешка кожа на рацете и нозете
  • Сува и топла кожа без потење
  • Осип на кожата
  • Зуење во ушите
  • Повлекување на мекиот дел од главата кај новороденчиња
  • По преместување во сенка – нагло ладење и треперење на екстремитетите

Што да направите во случај на топлотен удар кај деца од сите возрасти?

Ако забележите некој од овие симптоми кај дете, веднаш побарајте медицинска помош. Во меѓувреме, преместете го детето во сенка или ладна просторија, отстранете му ја облеката, ставете ладни облоги и обидете се да го хидрирате – но без присила ако одбива течности.

Топлотниот удар не е само летна непријатност – тој е итна состојба. Навременото препознавање и реакција можат да спасат живот.

  • Веднаш повикајте брза помош/лекар доколку се сомневате дека детето имало топлотен удар.
  • Додека не пристигне стручната помош, веднаш преместете го детето во сенка или извадете го од прегреаната просторија, автомобил или друго возило. Ако е можно, ставете го во соодветно климатизирана, или затемнета, добро проветрена просторија.
  • Раскомотете го детето – тргнете ја целата непотребна облека.
  • Веднаш понудете му малку течност – водата е најдобра опција ако условите го дозволуваат тоа.
  • Измијте го лицето и телото на детето со млака вода. Ако водата не е достапна, изложете го детето на некоја воздушна струја (на пр., изладете го со вентилатор).
  • Ставете неколку коцки мраз завиткани во ткаенина или ладна облога на главата на детето.
  • Дури и неколку недели од топлотниот удар, детето е чувствително на високи температури, па затоа се советува престој во разладени простории и намалена физичка активност.

Како да ги заштитиме децата

  • Новороденчињата, доенчињата и малите деца треба да се изнесуваат надвор рано наутро и доцна попладне. Не е препорачливо малите деца да ги изнесувате надвор во најтоплиот период од денот, од 11 до 18 часот.Детето треба да биде облечено во широка облека од природни материјали (памук, лен), со главата задолжително покриена со памучна капа или шапка.
  • Секогаш носете со себе шише вода што треба често да му го нудите на детето, барем голтка или две (наместо вода, може да биде и разредена лимонада).
  • Никогаш не оставајте деца во автомобил или друг вид возило на сонце – дури ни на неколку минути!

Никогаш не оставајте го вашето дете во загреан автомобил – дури ни на неколку минути

Особено опасна ситуација за децата во текот на летото е дури и краток престој во автомобил. Нивната телесна температура расте три до петпати побргу отколку кај возрасните. Температурата во возилото може да се зголеми за 20 степени за само 10 минути. Кога детето е оставено во возило за време на жешките летни денови, неговата телесна температура бргу расте, па можен е фатален исход за само неколку минути. Никогаш не оставајте го детето без надзор во возилото – дури и кога прозорците се делумно отворени или моторот работи, со вклучена клима.

Нека ви стане навика да го проверувате целото возило – напред и назад – пред да го напуштите и да ги заклучите вратите.

Чувајте ги клучевите од автомобилот подалеку од дофат на детето и научете го дека автомобилот не е играчка.

Чувајте ги вратите и багажникот на вашиот автомобил постојано  заклучени во текот на годината, за децата да не можат да влезат без надзор.

Ако забележите само дете во заклучен автомобил, веднаш извадете го, викнете брза помош и разладете го.

Извор- УНИЦЕФ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни