И покрај тоа што матноста на водата од изворот „Шум“ бележи намалување, водата во Струга и понатаму останува забранета за употреба. Последните анализи покажуваат дека параметрите сè уште се над дозволените граници, поради што надлежните апелираат граѓаните да не ја користат водата ниту за пиење, ниту за готвење.
Институциите информираат дека состојбата внимателно се следи и дека ќе бидат направени дополнителни испитувања сè додека водата целосно не ги исполни здравствените стандарди. Во меѓувреме, во тек е постапка за утврдување на причините за зголемената матност и евентуална одговорност.