По вчерашните информации дека водата во Струга и околината не е за пиење поради енормна заматеност, најновите информации велат состојбата се стабилизира и дека степенот на загаденост е во намалување.
Претходно, според анализите на Центарот за јавно здравје Охрид, на изворот „Шум“ беше измерена заматеност од 28,59%, што е повеќекратно над максимално дозволените 1,5%. Поради високата матност и обоеност, водата беше оценета како здравствено неисправна и беше препорачано да не се користи за пиење или други потреби до ново известување.
Од Центарот за јавно здравје тогаш информираа дека се земени мостри за дополнителни испитувања и дека ќе се следи дали матноста се намалува. Според најновите информации од терен, новите примероци покажуваат тренд на опаѓање на заматеноста, што упатува на постепена стабилизација на состојбата.
Од ЈП „Водовод и Канализација“ – Струга остануваат на ставот дека водата ќе може повторно да се користи за пиење само по добивање на целосни и официјални лабораториски резултати и дополнително известување до јавноста.
Проблемот со водоснабдувањето во Струга е хроничен и се провлекува со години. Во летниот период граѓаните се соочуваат со недостиг на вода, додека во останатиот дел од годината честопати се отвора прашањето за квалитетот на водата за пиење.
Надлежните најавуваат засилен мониторинг во наредните денови, а јавноста ќе биде информирана за секоја промена во квалитетот на водата.
