Народниот правобранител отвори постапка за загадувањето на водата во Струга

По реакциите на граѓаните и анализата што покажува заматеност од 3,92, од Општината и јавното претпријатие се бара детален извештај за квалитетот на водата за пиење

Регионалната канцеларија во Кичево на Народниот правобранител отвори постапка по сопствена иницијатива поради недостигот и сомнежите за квалитетот на водата за пиење во Струга. Постапката следува по бројните реакции и поплаки од граѓаните во изминатиот период.

„Правото на безбедна и доволна вода за пиење е основно човеково право, тесно поврзано со правото на живот, здравје и човечко достоинство. Секое продолжено ограничување, сомнеж за квалитетот на водата или недостиг на транспарентност од страна на надлежните институции создава несигурност и влијае врз јавниот интерес“, изјави Илбер Даути од Регионалната канцеларија на Народниот правобранител во Кичево.

Од Општина Струга и надлежното јавно претпријатие е побаран детален извештај за актуелната состојба, причините за проблемите и мерките што се преземаат за нивно надминување. Даути нагласува дека прашањето не смее да се третира низ политичка призма, туку како витален приоритет за граѓаните.

Во меѓувреме, жителите на селото Шум повторно алармираат дека по последните врнежи од дожд е зголемена заматеноста на изворите од кои се снабдува поголемиот дел од Струга со вода за пиење. Тие најавуваат протести доколку не се преземат конкретни и итни мерки.

Според последната анализа на Центарот за јавно здравје, заматеноста на водата изнесува 3,92, додека минимално дозволената граница е 1,5. Овие податоци дополнително ја засилија загриженоста кај населението.

Случајот отвора пошироки прашања за одржливоста на водоснабдителниот систем во Струга, транспарентноста на институциите и навременото информирање на јавноста во ситуации што директно го засегаат јавното здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни