Месното население реагира дека никој не ги известил зошто се сече шумата, ниту дали тоа се врши плански и според законските процедури. Загрижените жители веќе испратија писмо до „Македонски шуми“, градоначалникот на Ресен, Министерството за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина.

Во писмото предупредуваат дека оваа активност предизвикува сериозна еколошка штета, загрозувајќи ја флората и фауната, го нарушува туристичкиот потенцијал на селото и носи закани за локалната заедница. Од надлежните бараат итно стопирање на сечата, официјално соопштение и вклучување на претставници од селото во сите идни одлуки за управување со шумскиот фонд.