Светот се загреа до уште еден месечен рекорд на топлина во јануари, оставајќи ги шокирани научниците. Предвидувањата беа дека Ла Ниња, ќе придонесе 2025 година да биде поладна од претходните две години, кои ги срушија рекордите за топлина. Но, тоа не се случи, што е потврдено од податоците на европската климатска служба Коперник.
Изненадувачкиот топлотен рекорд во јануари се совпаѓа со новото истражување на стручњакот за климатските науки, поранешниот врвен научник на НАСА Џејмс Хансен, како и други научници кои тврдат дека глобалното затоплување се забрзува.
Јануари 2025 година на глобално ниво беше за 0,09 степени Целзиусови потопол од јануари 2024 година, претходниот најтопол јануари и беше за 1,75 Целзиусови степени потопол отколку пред индустриските времиња, пресмета Коперник. Тоа беше 18-ти месец од последните 19 кога светот го погоди или ја помина меѓународно договорената граница за затоплување од 1,5 C° над прединдустриското време. Научниците нема да ја сметаат границата како прекршена освен ако и додека глобалните температури не останат над него 20 години.
„Не ја сметајте 2025 година во трката за најтоплата година“, рече Хансен, поранешен научник на НАСА, кој уште се нарекува и кум на науката за климата.
Има забележителен пораст на температурата дури и кога се отстрануваат варијациите на Ел Нињо и очекуваните климатски промени од 2020 година, рече Хансен. Тој ги забележа неодамнешните прописи за превозот што резултираа со намалено загадување со сулфур, што рефлектира дел од сончевата светлина подалеку од Земјата и ефикасно го намалува затоплувањето. И тоа ќе продолжи, рече тој.
„Постојаноста на рекордната топлина до 2023, 2024 година и сега во првиот месец од 2025 година е во најмала рака застрашувачка“, рече деканот за животна средина на Универзитетот во Мичиген, Џонатан Оверпек. „Се чини дека нема сомнеж дека глобалното затоплување и влијанието на климатските промени се забрзуваат“, додава Оверпек.