И покрај огромната штета, организаторите и работниците работеа неуморно, деноноќно расчистувајќи ги остатоците и подготвувајќи нова, намалена верзија на главната бина. На новата, поинтимна сцена, први настапија австралиските електронски ѕвезди Nervo, извикнувајќи: „Успеавме!“ пред илјадници возбудени фанови.
„Некои согорени делови од првичната конструкција сè уште се гледаат зад нас, но атмосферата е неверојатна,“ рекоа од бендот.

Пред изгорениот стејџ е поставен и голем ЛЕД екран, на кој се прикажуваат настапите на диџеите, со што дополнително се овозможува публиката да ја почувствува динамиката и визуелното искуство кое е заштитен знак на Tomorrowland.
Иако причината за пожарот кој избувна во средата навечер сè уште се истражува, организаторите потврдија дека нема повредени. Новата сцена, според портпаролката на фестивалот, Деби Вилмсен, е „многу интимна“, а дел од звучниците се користеле и на концерти на Металика.
Околу 38.000 луѓе кампуваат на локацијата во близина на белгискиот град Бом, дел од стотиците илјади посетители од целиот свет кои го посетуваат фестивалот секоја година.

„Можеби има неколкумина што побараа рефундација, но тоа е многу мал процент. Повеќето сè уште доаѓаат. Tomorrowland секогаш бил симбол на единство и позитивна енергија,“ истакна Вилмсен.
Австралијците Зак Хискок и Брук Антониу, кои патувале половина свет за да го посетат фестивалот како дел од нивниот летен одмор во Европа, признаваат дека биле шокирани кога ја чуле веста.
„Вечеравме кога слушнавме дека сцена гори. Бевме уништени, но сега сме тука и не би го пропуштиле ова за ништо,“ вели Хискок.

Украинецот Олександр Бешкинскиј, исто така присутен на фестивалот, додаде: „Не е само за еден или двајца диџеи, туку за целокупното расположение и сонот што сè уште живее.“
Tomorrowland, најголемиот фестивал на електронска музика во светот, очекува да пречека околу 400.000 посетители за време на викендот. И покрај предизвиците, фестивалската магија продолжува.
Извор: Euronews.