Во Женева започаа трговски преговори на САД и Кина

Во знак на важноста што двете страни ја придаваат на преговорите, во Женева беа испратени високи претставници – американскиот министер за финансии Скот Бесент, трговскиот претставник Џејмисон Грир и кинескиот потпретседател на Владата Хе Лифенг.

Разговорите помеѓу САД и Кина на највисоко ниво од времето кога американскиот претседател Доналд Трамп го започна трговскиот конфликт започнаа денес во Женева, со цел смирување на тензиите меѓу двете најголеми светски економии.

Во знак на важноста што двете страни ја придаваат на преговорите, во Женева беа испратени високи претставници – американскиот министер за финансии Скот Бесент, трговскиот претставник Џејмисон Грир и кинескиот потпретседател на Владата Хе Лифенг.

„Економските и трговски преговори на високо ниво помеѓу Кина и САД започнаа во Женева“, објави кинеската државна телевизија CCTV околу пладне.

Преговорите се планирани да траат денес и утре, но делегациите се дискретни, а средбата се одвива на локација скриена од јавноста, на левиот брег од езерото, извести Франс Прес.

Утрово околу 9:30 часот, Скот Бесент, Џејмисон Грир и делегација од десетина луѓе биле забележани како поминуваат низ лобито на хотелот Интерконтинентал, во близина на Женева, каде обично престојуваат американските делегации. На прашање на новинарите за очекувањата, Бесент не даде коментар и само влезе во црн BMW, пренесува Франс Прес.

Во пресрет на средбата, претседателот Трамп направи гест на добра волја и предложи намалување на казнените царини на кинески производи на 80 отсто – царини што тој самиот претходно ги воведе.

„Претседателот би сакал да го реши проблемот со Кина. Како што рече, сака да ја смири ситуацијата“, изјави американскиот министер за трговија Хауард Латник за Fox News.

Иако симболичен, овој гест не се смета за доволен бидејќи предложеното ниво на царини и понатаму би било неподносливо за мнозинството кинески производи во САД, пишува Франс Прес.

Од враќањето во Белата куќа во јануари, Трамп ги користи царините како свое политичко оружје. Тој воведе 145% царини на кинески производи, врз веќе постоечките давачки.

Како одговор, Пекинг воведе 125% царини на американски производи, ветувајќи дека ќе се „бори до крај“ против Трамповата политика.

Резултатот беше скоро целосен прекин на билатералната трговска размена и нестабилност на берзите.

Планираните преговори во Женева претставуваат „позитивен и конструктивен чекор кон деескалација“, оцени генералната директорка на Светската трговска организација Нгози Оконџо-Ивеала.

Кинескиот потпретседател изгледа доаѓа на преговорите со одредена предност – Пекинг објави дека кинескиот извоз во април пораснал за 8,1%, четири пати повеќе од очекувањата на аналитичарите, иако извозот кон САД паднал за речиси 18%.

Според Кинезите, и Американците биле тие што ги побарале овие разговори.

Аналитичарите очекуваат симболичен и привремен гест што би можел да ги смири тензиите, но не и да ги реши суштинските несогласувања.

Професорот Су Бин од Кинеско-европската бизнис школа (CEIBS) во Шангај не очекува дека царините ќе се вратат на „разумно ниво“ и смета дека дури и ако се намалат, ќе останат премногу високи за нормална трговија.

Дополнителна пречка е и тоа што Трамп инсистира на лична средба со кинескиот претседател Си Џинпинг за да постигнат договор, а потоа да ги решаваат деталите, додека Кинезите сакаат сите прашања да се расчистат пред евентуален самит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни