Одлуката ја донесе Градското собрание на седница што траеше до раните утрински часови, со 24 гласа „за“ и девет „против“. Според градоначалникот Томислав Томашевиќ, станува збор за исправување на историска неправда и јасно дистанцирање од идеологиите на минатото.
Новите имиња ги добија улиците во населбата Иванја Река, во загрепската четврт Пешченица – Житњак. Така, улицата Владимир Арко е преименувана во улица Среќко Липохар, во чест на хрватски бранител; улицата Антун Бонифачиќ го доби името на првата хрватска примадона, Сидонија Ердођи Рубидо; улицата Филип Лукас сега го носи името на познатата детска писателка Нада Ивељиќ, а улицата Иван Шариќ е преименувана во улица Јосип Куже, по легендарниот хрватски фудбалер и тренер.
Одлуката предизвика бурна реакција кај дел од опозицијата. Потпретседателката на Градското собрание, Марија Селак Распудиќ, ја оцени мерката како скандалозна, наведувајќи дека не е прифатливо луѓе да се „бришаат од улиците“ само затоа што биле нечији симпатизери. Таа порача дека Градското собрание не треба да се претвори во „лустрациска комисија“, додека дел од нејзините колеги предупредија дека ова е само „димна завеса“ со која владејачките го одвлекуваат вниманието од економските проблеми на граѓаните.
Силна критика изнесе и градскиот советник Златко Хасанбеговиќ, кој преименувањето го нарече „комунистички напад врз националното паметење“. Тој предупреди дека ќе дојде време кога, како што рече, „овие одлуки ќе бидат поништени, а хрватските великани ќе ги добијат улиците што ги заслужуваат, не на периферијата, туку во центарот на Загреб“.
Покрај преименувањето на улиците, Градското собрание донесе и одлука за именување неколку нови паркови во различни градски четврти. Во Трње ќе бидат оформени парковите на Елза Кучера и Нивес Кавуриќ-Куртовиќ, на Трешњевка – југ ќе се најде парк посветен на архитектката Станка Ковачиќ ин дер Милен, а во Пешченица – Житњак ќе се создаде парк што ќе го носи името на писателката Весна Крмпотиќ.
Собранието, исто така, изгласа потпретседателката Марина Ивандиќ од партијата „Можемо!“ да ја извршува својата функција професионално, со месечна плата од 3.600 евра нето. Одлуката наиде на остри критики од дел од советниците, кои ја обвинија дека се вработува на сметка на градскиот буџет. Ивандиќ, пак, објасни дека не станува збор за политичко вработување, туку за обид да се овозможи поактивна и посветена работа на градската власт во интерес на граѓаните.
Седницата на Градското собрание започна во четврток во девет часот наутро, а заврши во петок по три часот по полноќ, по долги и бурни расправи кои уште еднаш го покажаа длабокото идеолошко разделување во хрватската престолнина.
Извор: Index.hr