Во Велес заврши вториот Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“

На фестивалот беа присутни поголем број македонски афористичари и гости кои читаа свои афоризми на настаните кои се одржаа во Театарот и Локалната библиотека во Велес

Првата награда на вториот Меѓународен фестивал на сатирата „Џинот“  во Велес по распишаниот меѓународен конкурс на тема „Среќа“ во силна конкуренција на сатиричари-афористичари од Македонија, Србија, Босна и Хецеговина, Хрватска и Бугарија, жири-комисијата од три члена на која претседател е афористичарот Атанас Крлевски одлучи да и ја додели на Љупка Цветанова од Штип, втората на Дражен Јерговиќ од Загреб Хрватска, а третата на Елеонора Николовска од Скопје.

Меѓународниот фестивал на сатирата „Џинот“ по вторпат во изминатите два дена, во чест на Јордан Хаџи Константинов-Џинот првиот македонски сатиричар, во неговиот роден Велес го организира Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ со поддршка од Општина Велес.

Специјална награда за етно афоризам му беше доделена на Ацо Ѓорѓиев од Струмица. Награда за најдобар афоризам му беше доделена на Екрем Мациќ од Коњиц –Босна и Херцеговина. Инаку гостин на фестивалот беше и младиот афористичар Марко Пајиќ од Србија кој беше претставен со неговото творештво. Тој пред публиката читаше и свои афоризми, а организаторот му врачи и благодарница.

Првонаградената Љупка Цветанова пишува афоризми и кратки сатирични раскази. Во 2013 година ја издава својата збирка афоризми насловена „Нова Земја“ во издание на „Макфарм“ од Скопје. Во 2022 година ја издава својата втора збирка афоризми насловена „Уште Една Нова Земја“ во издание на „Меѓународниот центар за славјанска просвета“ од Свети Николе. Застапена е во антологијата на балканскиот афоризам, на македонскиот афоризам, антологија на хрватски и македонски афоризми и други антологии. Има објавувано афоризми во многу домашни и меѓународни списанија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и наградата „Златна Вијуга“ на фестивалот Крива Дрина во 2023, сребрена плакета на фестивалот во Струмица 2023. Цветанова е добитник на високата награда „Екселенција на сатирата“ за 2023 година која ја доделува здружението на писатели на Србија за вкупен придонес за сатирата која им се доделува на афористичари од странство, а за првпат оваа награда ја доби жена афористичарка.

Во разговорот за МИА, Љупка Цветанова потенцира дека оваа награда и е посебно драга бидејќи била прва жена афористичар-сатиричар која ја добива, а за најновата награда во Велес потенцира дека кога дознала дека таа е добитник на првата награда, на социјалните мрежи споделила „Каква Среќа, сум добила прва награда на конкурсот за Среќа“.

„За мене среќата се малите достигнувања, малите успеси, признанија, а тоа  го докажа и оваа признание кое како и останатите за мене е големо и многу ми значи и секако е поттик за моја понатамошна успешна  работа. Афоризмот ми е предизвик, не сум многу зборлива и афризмот ми е убава форма на изразување-со малку зборови да кажеш многу. И така секогаш ми е предизвик да пишувам афоризми, ги пишувам уште од мала, па и до ден денеска и покрај другите обврски секогаш наоѓам време да напишам по некој нов. Овие 10 афоризми колку што требаше да се пратат на конкурсот, половини ги напишав за три,четири-пет дена, а половината ми беа од порано, но не ми  беа објавени. Сите ги испратив на овој конкурс на кој за првпат учествувам“, вели Цветанова.

Атанас Крлевски афористичар  од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, иницијатор и еден од организаторите на Фестивалот за МИА оцени дека е задоволен од оваа второ издание, како и од  поддршката и учеството од голем број на сатиричари од повеќе градови од земјава и странство.

Тој за догодина најавува нов термин на фестивалот со уште повеќе учесници сатиричари-афористичари од повеќе земји.

Во рамките на фестивалот во изминатите два дена беше промовирана и неговата 11 книга на афоризми „На Кркуш“. Воедно  се одржа и предавање „Џинот“ прв македонски афористичар за што говореше проф д-р Елизабета Бандиловска.

На фестивалот беа присутни поголем број македонски афористичари и гости кои читаа свои афоризми на настаните кои се одржаа во Театарот и Локалната библиотека во Велес. Програмата ја збогатија и велешките средношколци кои читаа афоризми од Џинот, а свој настап со музички точки имаа и ученици од ОМУ „Стефан Гајдов“ и од Балетското студио „Анабела“.

Инаку по традиција, како и лани и годинава Меѓународниот фестивал на сатирата „Џинот“ во чест на патронот започна со положување цвеќе на гробот на Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во дворот на црвата „Свети Спас“ во Велес.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни