Температурите во Турција за време на викендот ќе достигнат до 30 степени, а следната недела зимата ќе се врати во многу делови од земјата, пренесе турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк, повикувајќи се на Метеоролошката служба.
Во меѓувреме, пустинската прашина од Сахара ќе покрие многу области во земјата. Пустинска прашина покри делови од метрополата Истанбул, а во текот на викендот се очекува пустинска прашина да има и над главниот град Анкара, како и во областите околу Егејското Море. Во понеделник се очекува намалување на негативните ефекти од пустинската прашина.
Во меѓувреме, според податоците на Метеоролошката служба на Турција, викендов на повеќе места во земјата се очекува вистинско лето со температури до 30 степени Целзиусови. За Анкара прогнозите укажуваат дека максималната температура ќе достигне до 28 степени.
На почетокот на идната недела, пак, се предвидува студен атмосферски фронт да зафати многу делови од земјата, со намалување на температурите за над 20 степени.
Се очекува пороен дожд, а на места можни се и врнежи од снег.