Ден по масовните протести ширум Турција и по апсењето на 343 лица, опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше уапсен во среда, вечерва треба повторно да биде сослушан. Опозицијата повикува на нови протести поради апсењето на Имамоглу, лидерот на Републиканската народна партија и најголемиот ривал на Реџеп Тајип Ердоган на претстојните претседателски избори.
Од средата, кога беше уапсен Екрем Имамоглу, протестите го зафатија 55 од 81 турски регион, пренесува францускиот Монде, повикувајќи се на агенцијата Франс прес и додава дека според податоците на партијата на Имамоглу, само во Истанбул вчера на улиците излегле 300.000 луѓе.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, денеска соопшти дека вчера се уапсени 343 лица. Монде наведува дека вчера имало повеќе судири помеѓу демонстрантите и полицијата, која во Измир и Анкара користела солзавец и водени топови. Без оглед на тоа, опозицијата во Турција денеска повика на нови протести.
Екрем Имамоглу полицијата вечерва треба повторно да го сослуша, пренесува Монде, повикувајќи се на турските медиуми. Според соопштението на Републиканската народна партија, нејзиниот лидер после тоа ќе биде сослушан од главниот обвинител во Истанбул, а потоа ќе биде изведен пред судија.
Екрем Имамоглу беше уапсен во среда рано наутро, поради сомневање за корупција и поддршка на Курдистанската работничка партија, која се смета за терористичка организација.
Адвокатот на Имамоглу, Мехмет Пеливан, изјави дека испитувањето на неговиот клиент во петок траело шест часа и дека се однесувало на корупција. „Имамоглу ги негираше сите точки од обвинението“, изјави адвокатот.
Планот на партијата на Имамоглу беше да го прогласи за официјален кандидат за претседател на државата на изборите кои треба да се одржат во 2028 година.