Познатиот американски актер и водител Конан О’Брајан на 9 декември потврди дека неговиот татко д-р Томас О’Брајан починал на 95-годишна возраст, а три дена подоцна на 92-годишна возраст починала неговата мајка Рут Риардон О’Брајан.
Во некролог во Бостон Глоуб, кој беше објавен на 12 декември, Конан го пофали својот татко како „најдуховитата личност“.
Тој исто така додал дека Томас бил човек „во постојано движење“ кој бил „заинтересиран за сè – апсолутно сè“, пренесуваат американските медиуми.
„До крајот на моето време на земјата ќе разговарам со луѓе кои сакаат да зборуваат со мене за мојот татко. Никогаш не сум сретнал некој како него и тој случајно ми е татко“, напиша актерот.
Истиот ден кога беше објавен овој некролог, животот му зададе нов удар на Конан – неговата мајка, Рут Риардон О’Брајан, почина на 92-годишна возраст во нејзиниот дом во Бруклин, Масачусетс.
Во некрологот по повод смртта на неговата мајка, актерот изјавил:
„О’Брајан Рут Реардон од Бруклин почина мирно на 12 декември 2024 година на 92-годишна возраст. Саканата сопруга од 66 години брак со Томас Френсис О’Брајан, доктор на науки, кој почина на 9 декември 2024 година.“
Инаку, таткото на Конан Томас работел како доктор, бил и професор на Универзитетот Харвард, каде што специјализирал епидемиологија.
Рут беше адвокатка и беше само втората жена што стана партнер во фирмата Ропс и Греј во Бостон.
Погребот на родителите на актерот е закажан во Бостон на 18 декември.
Конан (61) е еден од водечките американски комичари, познат по улогите како водител на „Late Night“ и „The Tonight Show“.
Пред само еден месец, Конан откри дека ќе биде домаќин на Оскарите за 2025 година во март.